Македонија
ДУИ: Селективната правда го разорува демократскиот поредок
Никогаш досега правдата не била толку понижена и ставена под целосна команда на политичката власт, велат од ДУИ.
„Случајот во Кочани и тишината околу урбаната катастрофа во Чаир се живи докази дека Јавното обвинителство е претворено во покорна алатка на извршната власт.
Во Кочани, по трагедија што го потресе целото општество, истрагата е затворена без ниту еден партиски функционер да биде повикан како осомничен иако е јасно за секој граѓанин дека одговорноста е директна и лежи врз Министерството за внатрешни работи и надлежните институции.
Молкот на обвинителството е форма на политичка амнестија и навреда за жртвите и нивните семејства.
Во Чаир, во реално време се случува урбан криминал.
Повеќе од 150 бесправни градби без статички проекти, без сеизмичка проценка, со нелегално поврзување на струја и без пристап за пожарна или брза помош се живи закани за илјадници граѓани.
Луѓето што купиле станови таму не можат да спијат мирно поради страв за животите на своите деца и семејства..
Ова веќе не е селективна правда ова е укината правда, диригирана, контролирана, и свесно насочена против интересот на граѓаните.
А кога правдата молчи таму каде што треба да зборува, таа станува соучесник на криминалот“, стои во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

