Македонија
ДУИ: Скандалозни изјави на Таравари за заробување на државата со политички конструкции
Демократската унија за интеграција остро реагира на денешните скандалозни изјави на Арбен Таравари за наводни истражни процеси креирани, режирани и оркестрирани од Владата против политичките противници, соопштијка од партијата.
„Вакви изјави со прогонителски политички конструкции во минатото даваа и други членови на Владата без етнички легитимитет, со што ја презедоа улогата на сценарист, истражител, обвинител и судија. Овие закани со конструкции и политички прогон, како и притисоци врз истрагата и обвинителството никого не плашат, туку ја покажуваат скандалозната и неприфатлива тенденција на практикување на заробена држава од власта. ДУИ поддржува неселективното владеење на правото и бара меѓународно следена проверка на сите носители на политички функции“, велат од партијата.
Според ДУИ, сите нелегитимни албански експоненти во Владата континуирано се прозивани за големи коруптивни афери од страна на ВМРО ДПМНЕ и нивниот кредибилитет е нула во однос на доброто владеење, напротив мора да сносат одговорност за нивните злоупотреби.
Од партијата на Ахмети оценуваат дека сите овие изјави ги читаат Брисел и Вашингтон затоа што не оддалечуваат од владеењето на правото и европските вредности и ги враќаат застарените времиња на конструкции со политички лов на вештерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.

