Македонија
(Видео) Дуковски бара да му се укине притворот на Боки 13: Здравјето му е влошено, може да има смртна последица
Адвокатот на Бојан Јовановски побара укинување на притворот и замена со друга мерка бидејќи неговата здравствена состојба е сериозно влошена и може да има смртна последица. Дуковски до судот достави и медицинска документација во која доктор Зоран Спировски од Клиниката за торакална хирурхија дава мислење дека Јованоски мора итно да биде хоспитализиран.
„За да не излезе дека плачеме и молиме, сакам да ве запознаам со медицинската белешка. Секој втор ден осомничениот го носат на Клиниката за торакална хирургија за да прима терапија и да се интервенира. Има две неуспешни операции и додека е во притвор, има големи проблеми. Докторот што го третира осомничениот ми издаде негов став, а тој предлага неопходна хоспитализација. Може да се случи смртна последица. Професор доктор Зоран Спировски издаде мислење. Поевтино е да биде хоспитализиран отколку секој ден да го носат на клиника“, рече Дуковски.
Тој како бранител на Боки 13 посочи дека со решението за продолжувањето на притворот издадено од кривичниот совет осомничениот веќе бил осуден. Дуковски вели дека нема основи за продолжување на притворот.
„По принципот на економичност, во врска со основот попречување на истрагата, нема основи бидејќи истрагата е завршена. Овие решенија за притвор се во спротивност на праксата на Стразбур. Решението донесено во фаза на истрага со образложението укажува на тоа дека е виновен за сè. Тие велат ‘начинот на извршување кривично дело’, кажувајќи го во минато време, како да е завршено. Велат ‘степенот на кривична одговорност’, ‘соочување со реална можност за изрекување казна затвор’ – тие веќе го осудија. Ова не се основи. Ние сме сигурни дека обвинетиот нема да се даде во бегство, судот може да примени превентивна мерка. Не може кривичен совет да се вклучува во кривична одговорност. Советот испитува мотив во фаза на истрага. Тогаш не треба судење. Притворот треба да биде најкус. Имаме завршена истрага и во таква фаза, само во исклучителни случаи може да биде продолжена. Неосновани се ставовите на кривичниот совет“, рече Сашо Дуковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.

