Македонија
Европската комисија официјално ја одобри Реформската агенда
Министерството за европски прашања oбјави дека Европската комисија денеска официјално ја одобри Реформската Агенда на Северна Македонија, што претставува значаен исчекор во процесот на интеграција на земјата и регионот во Европската Унија.
Оваа одлука следува по деталната анализа од страна на Европската комисија, која ја препозна релевантноста и сеопфатноста на реформските планови, особено во забрзувањето на усогласувањето на земјата со законите, вредностите и стандардите на ЕУ.
Одобрувањето на оваа агенда овозможува пристап до финансиски средства во рамките на Фондот за реформи и раст на ЕУ, во износ од 6 милијарди евра. Фондот е дизајниран да го поддржи трансформативниот процес на Северна Македонија, осигурувајќи дека реформите не само што ќе ги зајакнат демократските институции и човековите права, туку и ќе ја подобрат економската интеграција на земјата со ЕУ.
„Овoј важен чекор значително ја поткрепува стратешката определба на земјата за европска интеграција, истовремено интензивирајќи ја интеринституционалната соработка меѓу Северна Македонија и Европската комисија, со цел реализација на заедничките стратешки приоритети и долгорочни цели за целосно интегрирање во европските структури. Министерството за европски прашања ја реафирмира својата и посветеноста на Владата за ефективна и навремена имплементација на овие реформи, кои ќе обезбедат просперитетна иднина за сите граѓани“, велат од Министерството за европски прашања.
Реформската Агенда, која е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан за периодот 2024-2027, е фокусирана на клучни социо-економски реформи и фундаментални области како што се владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Комисијата ги поздрави овие напори, истакнувајќи дека реформите значително ќе придонесат за социо-економска конвергенција со ЕУ и ќе ѝ помогнат на Северна Македонија во исполнувањето на клучните критериуми за пристапување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

