Македонија
Европскиoт фронт нема да гласа за новата влада

Европскиот фронт ја напушти седницата за избор на нова влада и нема да учествува во гласањето.
Зијадин Села на прес-конференција рече дека мнозинството е делегитимирано кај албанското гласачко тело и другите етнички заедници.
Тој рече дека напуштањето на седницата е во знак на револт поради кратењето на листата на пријавени за дискусија.
Новата Влада ќе биде изгласана најдоцна до полноќ, во согласност со законските рокови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тренчевска: Новото нормално на ДПМНЕ, да отфрлаат закони кои значат намалени трошоци за граѓаните

„Новото нормално на Христијан Мицкоски е дека ДПМНЕ и нивните приврзоци ЗНАМ и ВЛЕН застанаа против граѓаните и не ги прифатија законите за намалување на ДДВ на струјата и основните прехранбени производи,“ истакна пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Денес во Собранието на Република Северна Македонија, сведочевме на уште еден акт на отуѓеност и негрижа од страна на владејачкото мнозинство. Наместо да ја прифатат мерката која директно ќе им помогнеше на граѓаните, пратениците на ДПМНЕ и нивните коалициски партнери ги отфрлија предложените измени на Законот за ДДВ, со кои предвидовме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и целосно укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, вели таа.
„Ова беше можност да се стави крај на скапотијата и да им помогнеме на граѓаните да имаат пониски сметки за струја и поевтина храна. Но, за жал, ДПМНЕ уште еднаш покажа дека партиските калкулации им се поважни од животниот стандард на народот,“ потенцираше Тренчевска.
Во време на постојан пораст на цените на храната, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се борат со неизвесноста за секој нареден месец, владејачкото мнозинство одби, додаде таа да поддржи конкретни мерки што веднаш ќе значеа намалени трошоци за домаќинствата.
„Предложивме одржливи решенија – намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13% пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. На пример, за сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки заштедата ќе беше уште поголема,“ нагласи Тренчевска.
Истото, како што вели, важи и за основните прехранбени производи – намалувањето на ДДВ од 5% на 0% ќе значеше над 3.000 производи поевтини, вклучувајќи леб, брашно, млеко, јајца, масло, шеќер и сите други неопходни намирници што секојдневно ги купуваат граѓаните.
„Но, наместо да ги поддржат овие мерки, сведочиме на политички калкулации и отфрлање на предлози кои можат да направат реална разлика во животите на граѓаните. Ова е уште еден доказ за тоа колку е оддалечена оваа власт од реалноста,“ заклучи Тренчевска.
СДСМ, како што најави, ќе продолжи да се бори за мерки кои вистински ќе им помогнат на граѓаните и ќе го заштитат нивниот стандард.
Македонија
Гаши-Капетановиќ: укажано на потребата од подобрување на меѓусоседските односи во регионот, во време на геополитичките промени во светот

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во неговиот кабинет го прими Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Во оваа пригода, претседателот Гаши му упати честитки на Капетановиќ за неговото назначување за генерален секретар на Советот за регионална соработка во време на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Претседателот укажа на потребата од интензивирање и продлабочување на регионалната соработка како и подобрување на меѓусоседските односи во Регионот, особено во време на геополитичките промени во светот, со цел зачувување на мирот и стабилноста во Регионот.
Тој потенцираше дека Република Северна Македонија посветува големо внимание на регионалната соработка, како клучна компонента за евроинтеграцијата на Регионот и во континуитет активно учествува во работата на регионалните организации и иницијативи.
Капетановиќ укажа дека Советот за регионална соработка има оперативна улога во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претставува вредна политичка платформа која придонесува за стабилизација на Регионот, но и за економски развој и социјален напредок на сите земји од Југоисточна Европа. Таа соработка се фокусира на работите кои го обединуваат Регионот врз основа на принципот на инклузивност. Соработката е заснована на реалните потреби на сите граѓани во регионот и има тенденција на поголемо вмрежување меѓу граѓаните, компаниите и институциите во регионот преку регионални иницијативи.
На крајот соговорниците ја поддржаа парламентарната димензија во сите процеси на регионално здружување, со можност во иднина Република Северна Македонија да биде домаќин на повеќе тематски конференции, како што се: дигитална трансформација, парламентарна дипломатија, како и соработка за формирање на регионален центар за брза интервенција.
Македонија
Божиновска – Лорковски: Енергетската иднина зависи од брзите реформи

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Скопје се сретна со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски. Средбата се одржа во пресрет на новите предизвици поврзани со усогласувањето на националното законодавство со европските енергетски стандарди, понатамошната интеграција на македонскиот енергетски пазар во регионалниот и европскиот пазар и следните чекори во реформите на енергетскиот сектор
Божиновска ја истакна посветеноста на земјата во усогласувањето на националните енергетски политики со европските стандарди.
„Јасни правила и предвидливост – тоа е клучно за стабилен и конкурентен енергетски сектор. Работиме на законски решенија што ќе обезбедат сигурност за инвеститорите, ќе го забрзаат процесот на енергетска транзиција и ќе гарантираат одржлив развој,“ истакна таа.
Божиновска нагласи дека реформите во енергетскиот сектор се еден од врвните приоритети на Министерството, Во тој контекст, информираше дека Предлог-законот за енергетика беше поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), овозможувајќи јавна консултација за неговото финализирање. Директорот Лорковски изрази задоволство за транспарентноста на процесот
На средбата беше потенцирана важноста на забрзаната имплементација на интеграцискиот пакет за електрична енергија, што ќе овозможи подобра предвидливост на пазарот, оптимизација на прекуграничните капацитети за пренос и стабилизирање на цените.
Лорковски ја потврди посветеноста на Енергетската заедница во поддршката на реформските процеси во земјата, нагласувајќи дека усогласувањето на регулативите со ЕУ директивите е клучно за побрза интеграција на македонскиот енергетски пазар во пошироките регионални и европски текови.
Министерството за енергетика, како што соопштија од таму, останува посветено на реформите што ќе донесат стабилност, развој и конкурентност во македонскиот енергетски сектор.