Македонија
Еден обвинет е опфатен во 5 предмети, а во 19 дена има 16 рочишта за предмети на СЈО, соопшти кривичниот суд
Кривичнот суд во Скопје со соопштение за јавноста известува за наводите на адвокатите дека судот закажува пречесто рочишта, како и наводите на СЈО дека судот е неажурен во закажување рочишта за одредени предмети.
„Во однос на наводите на странките што постапуваат во предметите на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), а кои се водат пред овој суд, за неусогласеност, пречесто закажување судења или одолжувања на одредени предмети, ја информираме јавноста дека судиите при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во целост ги почитуваат првата на странките како во овие така и во сите други предмети и со крајни напори се прават прецизни и усогласени распореди на закажаување на главните расправи сè со цел да им се овозможи доволно време на обвинетите и нивните бранители квалитетно да ја подготват својата одбрана, доселдно да се почитува принципот на еднаквост на оружјата и правото на судење во разумен рок“, пишува во соопштението на кривичниот суд.
„Не може да се занемари фактот дека некои од обвинетите лица, според поднесените обвинителни акти на СЈО, се јавуваат како обвинети во повеќе предмети, а само еден од обвинетите е опфатен во 5 предмети и во таа смисла не може да се насрочува главна расправа во ист ден. Дополнителен проблем е што повеќето од обвинетите имаат по двајца или повеќе бранители, па затоа при насрочување на расправите се внимава на судењето да биде присутен барем еден од бранителите што ги застапуваат обвинетите“, соопштува скопска „единица“.
Судот известува и за наводите што ги изнесе специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, дека судот бавно закажува рочишта за одредени предмети на ова јавно обвинителство: „Во однос на наводите дека за одредени предмети на СЈО не се насрочуваат доволно расправи, напоменуваме дека само во текот на септември 2018 година, од 20 работни дена, во 19 од нив се насрочени расправи за 16 предмети по кои постапува специјалното јавно обвинителство, а воедно термините се усогласени како би ѝ се овозможилo доволно време на одбраната да се подготви. Вреди да се напомене дека од декември минатата година до денеска изречени се и 4 пресуди по предметите на СЈО, што е евидентен показател дека нема никаков застој во динамиката на постапување“.
Од судот информираат дека судиите во овој суд во овој момент постапуваат и по 1.633 други предмети во одделението за кривично-полнолетни и 126 други предмети во одделот за организиран криминал и корупција, меѓу кои и предмети со над 30 обвинети, од кои некои се во притвор, и овие предмети не може да се занемарат за сметка на други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

