Македонија
Еден оди, десет води: Власта и опозицијата обединети за шетање
Власта и опозицијата немаат никакви проблеми да направат консензус единствено кога се работи за нивни интереси. Деветмина пратеници од вчера се на студиска посета во Стокхолм, Шведска. Делегацијата во состав Фадил Зендели, претседател, и членовите Маја Морачанин, Мартин Костовски, Александар Велјановски, Гордана Силјановска-Давкова, Арбана Пашоли, Халил Снопче, Снежана Калеска-Ванчева и Здравко Трајанов два дена ќе учат за демократски развој и за транспарентност со медиумите.

Деветмина пратеници од вчера се на студиска посета во Стокхолм, Шведска
„Во текот на првиот работен ден, пратениците на двата законодавни дома разменија искуства за работните услови на пратениците и надоместоците за нивната работа. Беа споделени шведските искуства за регулативата која го уредува економскиот аспект на работата на пратениците, односно нивните плати, патните трошоци, трошоците за сместување за оние членови на Риксдагот кои живеат на најмала оддалеченост од 50 километри од законодавниот дом, како и пристапот на јавноста до сите овие податоци. Шведските пратеници информираа и за регистарот за финансиски интереси, кој постои во Риксдагот и обврските на пратениците четири недели по нивниот избор да го пријават имотот. Беа споделени искуства и од работата на пратениците во македонското Собрание, нивниот професионален ангажман, надоместоците на кои имаат право, како и на бенефициите кои пратениците ги уживаат по завршувањето на нивниот мандат, кои во шведскиот случај, во зависност од пратеничкиот мандат, вклучуваат апанажа во траење од најмногу две години“, соопшти Секторот за односи со јавноста во Собранието.
Посебно внимание посветиле на транспарентноста и односот со медиумите.
„Во шведскиот парламент покрај 680 акредитирани новинари, вкупно 14 медиуми имаат постојани канцеларии чија цел е да ја доближат работата на пратениците до јавноста. Акредитираните новинари и фотографи имаат пристап секаде во зградата, со исклучок на канцелариите на пратениците и делот на спикерот. Прес-службата на Риксдагот работи со одобрување на акредитациите како и со пристапот до документите кои се во интерес на јавноста. Работата на пленарната седница се емитува во живо на веб-страната на Парламентот, додека работата на комисиите не е отворена за јавноста. Постојаното присуство на новинарите во законодавниот дом овозможува нивно детално познавање на работата на Риксдагот и објективно известување“, стои во соопштението од Собрание.
Во соопштението од македонското Собрание нема објаснување дали македонските пратеници во Стокхолм информирале дека нивните плати молчешкум се зголемија за 78%, додека за останатите се преговара за покачување од 8 %.
На дводневно шетање од денес е и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој ја предводи државно-црковната делегација од Македонија на традиционалната Манифестација во чест на Св. Кирил и Методиј во Италија. Со него се Арбер Адеми, координатор на ДУИ; Соња Мираковска, заменик координатор на СДСМ; Дафина Стојаноска, заменик координатор на ВМРО – ДПМНЕ; Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието; Елена Јовановска-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик; Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи; г. Пимен, митрополит европски; отец д-р Зоран Стојанов, Католичка црква; митрополит тетовско – гостиварски, г. Јосиф и отец Митко Газинковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

