Македонија
Единствената работа што беше организирана во владеењето на СДС и ДУИ беше криминалот, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„А ако станува збор за организираност и наведувањата дека оваа Влада е неорганизирана, би констатирале само дека единствената работа во која што владата на СДС и ДУИ беше организирана беше криминалот, организираниот криминал, затоа и впрочем нема да се чепне или да се направи ревизија на работењето, а да не излезе од тоа некаква форма на организиран криминал правен од претходната влада во таа институција“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Венко Филипче.
„Оттука, и логично е што на СДС ние им делуваме неорганизирано затоа што нивниот впечаток и критериум за организираност е исклучиво за организираност во некој криминал, тие не се навикнати на организирана работа на проекти, затворање дупки и реформи, затоа и ваква забуна се создава кај нив.
За нив најорганизиран и за пример е веројатно нивниот партнер ДУИ со кои градат специфичен однос на ниво на политички и коруптивен садомазохизам, што може да е нов правец во политичката култура во државата“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски повикува на концерт, ВМРО-ДПМНЕ му ги брои нереализираните проекти: Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК

Откако утрово градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ги повика скопјани на концерт со Александар Тарабунов вечерва, ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите го нарече шампион по нереализирани ветувања и ги наброја нереализираните проекти. Градоначалникот, пак, одговори на предизвикот со објаснување дека работи посветено, а не кампањски само пред избори.
„Очигледно е дека општина Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК, не доби парк со игралиште кај Клинички, ниту пак кај куќата на Есма на Кале. Тоа е билансот на визионерството на Герасимовски. На граѓаните не им е потребно експериментирање со импровизирано управување.Центарци се сведоци на спори или непостоечки инфраструктурни проекти. Многу улици и тротоари останаа неуредени, небезбедни и неадаптирани за лица со посебни потреби. Со таков кандидат за градоначалник капиталните проекти се или заглавени или нереализирани.
Нереализирани проекти кој тој напразно ги ветуваше се и градинка во Маџир Маало, градинка во Клинички центар, воспитно-образовен центар во Парк 1 со градинка и училиште, но резултатот е немање градежни активности, ни почеток, ни рокови, само илузии.
Урбаниот хаос остана, а тој ветуваше ред, но донесе уште поголем метеж, наместо решенија центарци добија хаос. Не се обезбеди ниту монтажен паркинг во Дебар Маало и во Пролет, ниту гаража кај Клинички центар, а уште помалку катна гаража спроти ПУИК, само се обезбеди нарушен сообраќај, фрустрации и изневерени граѓани.
Наместо вистинско вклучување на граѓаните во процесите, често владее молк и селективна комуникација, се промовираат ситни потези како големи успеси, додека реалните проблеми тотално се игнорираат.
Евидентно е дека тој е без јасна визија за развој, а бара повторно доверба од граѓаните, која не ја ни стекнал.
Центар под Герасимовски е пример за проекти на хартија и реалност во распад. Четири години магла во Центар и застој под негово водство“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Герасимовски веднаш реагираше. И тој преку соопштение до медиумите кажа што сработил.
„Веќе почнуваме со реализација на барањата што произлегуваат од центарци. Ниту еден градоначалник не смее да оди кај граѓаните, да вети нешто и потоа да исчезне и да се појави повторно само пред избори. Работиме да надминеме одредени предизвици со кои се соочуваат жителите и уште летово да ја завршиме таа работа. Вистинската работа се гледа секој ден, на улица, во маало, а не на билборд. Во еден мандат ја изградивме од темел најубава градинка во целата држава кадешто се згрижуваат деца од населбите Пролет и Маџир маало. Во моментов се реконструира спортската сала „Работнички“ којашто беше со децении оставена да се распаѓа. Работиме посветено, домаќински и транспарентно“, вели градоначалникот Герасимовски и потсетува дека караванот „Се гледаме во маало“ продолжува и во следните денови со секојдневни посети во различни населби од Општина Центар, со цел заедничко планирање на локалниот развој, директна комуникација и градење на транспарентна и отчетна локална власт.
Македонија
„Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, Герасимовски повика на концерт

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите скопјани, вечерва да бидат дел од културната манифестација „Центарска симфонија“ што ќе се одржи на плочникот кај Градски ѕид (Клуб на новинари, зади Соборниот храм) со почеток во 20:00 часот.
Александар Тарабунов и камерниот оркестар вечерва ќе ги интерпретираат најпознатите мелодии од македонската и светската кинематографија, специјално аранжирани во ново, симфониско руво. Меѓу нив се и култните музики од „Исправи се Делфина“, „До Балчак“, како и новата песна на музичката ѕвезда Тарабунов „Заедно“, која за првпат ќе биде изведена со камерен оркестар.
„Оваа вечер ја посветуваме на музиката која нè обединува, Центар повторно станува сцена на културното доживување. Повелете сите, со пријателите, со семејствата, заедно да уживаме во спојот на класичното и модерното, на звуците што раскажуваат приказни. Музиката е најубавиот начин да се сплотиме, Ве поканувам на добра музика и убава летна саботна вечер. Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, вели Герасимовски.
Влезот е слободен за сите граѓани. Настанот е во организација на Општина Центар, во партнерство со МГ Мјузик продукција.
Македонија
Филипче на конгрес на СПД во Берлин: Средба со германскиот вицеканцелар Клингбајл

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска, ќе присуствува на конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), кој под слоганот „Промената започнува со нас“ се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија, соопшти утрово СДСМ.
Во рамки на конгресот претседателот Филипче ќе има средба со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл кој воедно е и ко-претседател на СПД. Предвидени се и билатерални средби со европски политичари и функционери присутни на конгресот.
На конгресот, на кој, меѓу другото, ќе се избира и новото раководство на СПД, ќе присуствуваат истакнати актуелни германски политичари и функционери, како и претседатели на социјалдемократски партии од Европа.
Поканата за присуство на Филипче на овој конгрес од СДСМ ја сметаат за израз на заедничката заложба за европска иднина, социјална правда и регионална соработка, засновани на вредностите на социјалдемократијата – еднаквост, солидарност и демократија.