Македонија
Единствена Македонија: Дали Шишкарев не може да добие државјанство само затоа што е Русин?
„Единствена Македонија изразува крајна изненаденост од марионетскиот премиер Зоран Заев и министерот во МВР Оливер Спасовски, кои повеќе од една година одбиваат да му дадат државјанство на ракометарот на Вардар, Данил Шишкарев“, велат од политичката партија преку соопштение.
„Според македонскиот закон за државјанство, МВР може на странец да му даде државјанство и со исклучителна натурализација и во таков случај не се барат никави други услови освен основниот – да станува забор за лице кое е од особен спортски интерес за државата и ако неговиот прием во државјанство на Република Македонија не ја загрозува безбедноста и одбраната на државата, а по претходно мислење на Владата на Република Македонија.
Данил Шишкарев како играч има придонес и е носител на две европски шампионски титули со ракометниот тим на Вардар. Со две европски титули во пет години во вардаровиот дрес не е спорно дека Шишкарев е лице кое е од спортски интерес за државата.
Оттука прашањето, дали Шишкарев не може да добие државјанство само затоа што е Русин и по автоматизам според логиката на Заев и Спасовски е лице кое ја загрозува безбедноста и одбраната на државата оти јавноста е сведок, прво, на уплавот на Заев и на неговите странски газди штом се спомне зборот „Русин“ и второ, на нивната шашава логика за се и сешто што не им чини во државата да обвинуваат за наводно руско мешање“, наведе „Единствена Македонија“ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

