Македонија
„Една недела институционално насилство врз Албанците – седум дена што ќе остават последици со години“, порача ДУИ
„Во една недела што ја разоткри вистинската слика на власт што ги третира Албанците како непожелни во сопствената држава, провокациите не запреа ниту еден ден“, велат од ДУИ.
„Заменик-премиерот Стоилковиќ, кој претходно беше поставен на чело на министерството одговорно за Охридскиот договор не за да го брани, туку за да ги провоцира Албанците, сега го добива и одликувањето „Војвода Вук“ од здружение што ги промовира вредностите на војните од 1912-1918 година – период кога Албанците беа масакрирани и протерани од своите родни огништа, а ниту Македонците не поминаа подобро. Чиста провокација, отворен предизвик кон жртвите и историјата.
Милорад Додик, негаторот на масакрите во Сребреница и Косово, беше пречекан во Скопје со највисоки државни почести и оттаму испрати пораки против НАТО и Европската Унија, величејќи ја Русија. Ова покажа дека оваа влада нема никаков западен курс, туку единствено врски со силите што му донесоа трагедии на Балканот.
На историски ден, 28 јануари, кога се одбележа годишнината од назначувањето на првиот премиер Албанце, Албанците беа понижени и дискриминирани повеќе од кога било, во атмосфера на отворени провокации.
Во Собранието, раководено од негаторот на албанскиот јазик, Африм Гаши, беа вработени само тројца Албанци, наспроти дваесет Македонци, а одлуките продолжуваат да се издаваат исклучиво на македонски јазик.
Владата незаконски му го укина статусот на правно лице на Инспекторатот за албански јазик, со јасна намера да се елиминира секој механизам за заштита на јазичната еднаквост. Овој потег не е само напад врз еден институционален орган, туку напад врз сите Албанци.
Премиерот ја објави листата од 17 свои советници, на која Албанците речиси и да не постојат. Ова е јасен доказ дека Албанците не се добредојдени во неговата влада и дека за нив нема место во одлучувањето.
На границата со Косово продолжуваат понижувачките и намерни колони во Блаце, координиран обид да се попречи секојдневната комуникација меѓу Албанците од двете страни на границата.
А за крај на неделата, партиите од таканаречената Влен јавно признаваат дека не можат да ја освојат поддршката на Албанците и дека единствениот начин да преживеат политички е да се надеваат на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ.,
Маските паднаа означувајќи го почетокот на политичкиот крај за групацијата што ги продаде албанските интереси за лична моќ.
Само седум дена, но штета што ќе остави последици со години.
Влада што не управува, туку владее со Албанците со ароганција и дискриминација.
Власт што веќе не ги крие своите намери.
Недела што покажа дека битката за еднаквост не е завршена“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Зошто СДС се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби
ВМРО-ДПМНЕ апсолутно го разбира и оправдува револтот на граѓаните по одлуката на правосудните органи за куќен притвор на криминалецот Артан Груби.
Ги поздравувавме и Владините институции кои си ја завршија работата и го доведоа пред лицето на правдата, криминалецот Груби кој избега пред година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната Лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме, додава тој, одлуката на судот да биде во заштита на правдата, а не соучесник во неправдата.
„Но, она коешто е уште поважно е дека СДС, партијата која соработуваше и молчеше кога Груби правеше криминал, се исплаши до срж, затоа што не знаат што се Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други“.
Вистината е една и единствена, вели тој и додава дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите, како што истакнува, заедно ќе се соочат со правдата и ќе одговараат.
„Затоа е и паниката и нервозата во редовите на СДС, стравот од одговорност им влегол длабоко во коски.
Судскиот процес за Груби, екс вицепремиерот и министер во владата на СДС, почнува допрва, по судските клупи друштво ќе му прават и сите негови криминогени ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Кривична за прилепчанец поради сомнеж дека фалсификувал свидетелство за да полага за возачка
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.А. (49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“, информираат од МВР.
Според билтенот, во септември 2025 година пријавениот изработил лажна исправа – свидетелство на негово име, наводно издадено од основно училиште за завршено осмо одделение.
Како што наведуваат од МВР, тој имал намера документот да го употреби за пријавување во авто школа за полагање на возачки испит, иако имал завршено четврто одделение.
Македонија
Перински во посета на Општина Куманово во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес ја посети Општина Куманово, при што оствари работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски и членовите на Советот.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од значење за граѓаните и за понатамошниот развој на општината, со посебен акцент на конкретни решенија, подобра координација и поефикасно искористување на расположливите механизми за поддршка.
Перински ги информираше присутните и за динамиката на активностите на Министерството во наредниот период, при што беше нагласен јасниот фокус на институцијата – зајакнување на локалните капацитети, поддршка на развојни проекти, создавање на услови за поттикнување на меѓуопштинска соработка и подобрување на услугите за граѓаните.
Во рамки на посетата беше посочено дека од минатата недела се активни двата јавни повика на министерството, наменети за проекти што придонесуваат кон рамномерниот регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој. За оваа намена се издвоени вкупно 223.423.000 денари. „Ги охрабрувам сите општини активно да ги искористат овие повици и да аплицираат со квалитетни предлог-проекти“, порача Перински.
При посета на општината се изврши и увид во проектот „Урбано зеленило за здраво дишење“, кој се реализира во рамки на првиот повик од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) со Бугарија, во рамки на Приоритет 1: Позелен пограничен регион.
Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на животот и здравјето на граѓаните во прекуграничниот регион Ќустендил – Куманово преку развој на зелена инфраструктура.
„Да ги зголемиме зелените површини во градов, со цел почиста животна средина, со акцент на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со примена на една од долгорочните мерки за намалување на загадувањето, а тоа е оззеленување и пошумување со квалитетни садници.“, нагласи градоначалникот Димитриевски.
Вкупната вредност на проектот за Куманово изнесува 343.090 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа. Проектот опфаќа засадување на 510 дрвја и уредување на мали урбани градини на три кружни текови како и активности насочени кон подготовка на стратешки и „меки“ мерки за развој на зелената инфраструктура и зајакнување на капацитетите на партнерите.

