Македонија
Едночасовна пауза во Собранието, Џафери го прескокна законот за јазиците
 
																								
												
												
											По барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде еден час пауза на седницата што траеше околу половина час, а на која на дневен ред е законот за јазиците. Додека опозицијата извикуваше: „Пауза, пауза“, пратениците од владејачкото мнозинство изгласаа измени во Законот за минералните суровини и во Законот за продажба на земјоделското земјиште. Џафери го прескокна законот за јазиците, кој беше прва точка на дневен ред.
ВМРО-ДПМНЕ побара пауза на седницата за Комисијата за мандатно-имунитетски прашања да се изјасни за амандманите.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, петнаесет минути од собраниската говорница објаснуваше дека Деловникот и Уставот се прекршени бидејќи не се дозволува разгледување на амандманите. Тој во своето излагање ја спомена и УЧК, по што реагираа пратениците.

„Собранието е свесно дека носи неуставен закон, пратениците се свесни дека го кршат Деловникот. Отворам спор за примена на Деловникот и барам од Комисијата за мандатно-имунитетски прашања да каже дали може или не може да се поднесуваат амандмани. Вашето тврдење дека Собранието не е должно да разгледува дали законот е уставен е неточно, тоа е исто како работници од фабрика да не кажат дали производите се расипани или не“, рече Димовски.
Димовски му се обрати и на Џафери дека тој што седи на претседателскиот стол треба да зачува ред, да постапува според законите и Уставот. Тој му рече на Џафери дека доколку му се важни партиските барања на ДУИ, тогаш да продолжат со незаконско работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Делови од Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја
 
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот корисниците од бул. Борис Трајковски бр.1 (Пеглата) влез 2 (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од Новоселски Пат, како и објектите на Стокомак, КАМ Маркет, бензинската пумпа ОКТА и објектите во нивна близина. (општина Ѓорче Петров)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Леринска, лоцирани во околината на бр. 3. (општина Карпош)
Македонија
Без вода дел од Чаир
 
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка од ф – 150 мм на раскрсница меѓу улиците Челопек и бр. 157 без вода ќе останат корисниците од улиците Челопек и бр. 157, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди
 
														Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 17 до 20 степени.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
За време на викендот времето ќе биде стабилно и суво, а во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник кон крајот на денот, најпрвин во западните делови, а во вторник и среда насекаде ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											