Македонија
Едукацијата е клучна за зголемувањe на опфатот со вакцинација, велат од Лекарската комора
Вакцинација е најдобрата заштита од сериозни заразни болести, но и една од најуспешните и најисплатливите инвестиции на јавното здравство, а лекарите имаат клучна улога во проширувањето на опфатот со вакцини, истакнува Лекарската комора по повод одбележување на Светската недела на имунизација чие мото оваа година е „Долг живот за сите“. Здравствените политики треба да ги поддржат здравствените работници и во континуитет да обезбедат ефективни, транспарентни и објективни информации за јавноста и да се борат против лажните и погрешните информации.
Вакцините се безбедни и ефикасни, тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони животи секоја година. Лекарите и здравствените работници преку подигнување на нивото на здравствена едукација за придобивките од вакцинацијата и преку споделување на факти засновани на научни докази креираат позитивно општествено окружување за зголемување на опфатот со вакцинацијата. Општата популација ги смета лекарите за најрелевантен извор на информации за вакцинација, што е клучно за прифаќање на вакцините.
Поради пандемијата и засиленото антивакцинално движење имаме пад во опфатот со редовната вакцинација, особено со МРП вакцината во нашата земја, поради што е потребен заеднички ангажман да се врати неопходниот опфат од 95 проценти со кој се смета дека е постигнато задоволително ниво на колективна заштита.
Лекарите треба да добијат поддршка за подобра промоција на важноста на вакцините, како и да се подобрат нивните комуникациски вештини за соодветен одговор на колебливоста на родителите за примање на редовните вакцини.
Едукацијата на студентите по медицина е од суштинско значење за да им се овозможи на идните лекари ефективно да комуницираат со своите пациенти, а подигнувањето на свеста на родителите треба да се започне уште за време на пренаталниот период и исто така да се одвива континуирано.
Лекарската комора како член на Постојниот комитет на европски лекари (CPME) и Коалицијата за вакцинација го истакнува заедничкиот став дека со рамномерен пристап до вакцините и зголемен опфат со вакцинацијата ќе се обезбеди долг и здрав живот. Како посебно ризични аспекти на пошироко ниво кои бараат интегриран пристап за решавање се смета тоа што поради пандемијата предизвикана од Ковид 19 се наруши процесот на редовна имунизација и ризикот кој доаѓа поради бегалската криза предизвика од воениот конфликт во Украина каде се смета дека опфатот со вакцинација е помал во однос на другите европски земји.
Коалицијата за вакцинација ги повикува европските земји да ги обезбедат следните активности:
• редовната вакцинација да се смета за приоритет за сите возрасни групи, особено за децата;
• возрасните, особено ризичните групи и постарата популација да се вакцинираат со бустер доза против Ковид 19, како и да се
зголеми опфатот со оваа вакцина кај адолесцентите и децата;
• да се обезбеди бегалската популација, особено децата, да добијат лесен пристап до вакцинација;
• да се помогне на здравствените работници да започнат кампањи за вакцинација и да се поддржи зголемувањето на опфатот со редовна вакцинација кај бегалската популација и населението на земјите кои прифаќаат бегалци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

