Македонија
Економската соработка и активностите во НАТО во фокус на средбата на Заев со словенечкиот претседател

Во рамките на официјалната посета на Словенија, претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, оствари средби со претседателот на Словенија, Борут Пахор, и со претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан.
На заедничката средба премиерот Заев и претседателот Пахор ги потврдија одличните билатерални односи меѓу двете земји и традиционалното пријателство и разменија мислења за идните можности за развивање на односите, особено за интензивирање на економската соработка и на планот на заедничките активности во НАТО и во процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ. Заев изрази голема благодарност до претседателот Пахор за големата и безрезервна поддршка што Словенија и ја дава на Северна Македонија во процесот за нашето пристапување во НАТО и ЕУ.
На средбата со претседателот на Државниот збор на Словенија, премиерот Заев и претседателот Жидан ги нагласија исклучително добрата парламентарна соработка и можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, а се зборуваше и за поддршка и размена на искуства од Словенија во процесот на почнување на преговорите на нашата земја со Европската Унија.
Во оваа пригода претседателот на Владата, Зоран Заев, му се заблагодари на претседателот на Државниот збор, Дејан Жидан, за ратификацијата на протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО и информира дека веќе 13 земји членки на НАТО го ратификуваа документот, со што се отвора шанса Северна Македонија до крајот на годината да го добие статусот полноправна членка на алијансата.
На средбите беа упатени честитки за степенот на реализацијата на реформските процеси во нашата земја и беше нагласена огромната поддршка од Република Словенија за добивање датум за почнување преговори за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.