Македонија
Екоавтобуска постојка од која се земаат пакетчиња со семиња – нова инсталација од Халкбанк
Нова еко автобуска постојка со зелен и воедно одржлив покрив доби градот Скопје од страна на Халкбанк АД Скопје во рамките на заложбите и активностите на банката за заштита и зачувување на животната средина, а кои што се реализираат преку платформата ХалкЕко.
![]()
Новата зелeна постојка е лоцирана во Општина Карпош, спроти поранешната фабрика Алумина и истата, освен што има зелен покрив прекриен со растенија, овојпат на граѓаните им ја нуди можноста од неа да земаат пакетче со семиња од различни растенија.
![]()
Првата еко постојка Халкбанк ја постави во општина Аеродром пред трговскиот центар Бисер, како прва и единствена од ваков вид во земјава. Постојката што беше поставена пред речиси три години и денес, освен што на патниците им нуди убава заштита од временските влијанија, претставува уште еден придонес кон зголемување на зеленилото во главниот град.
![]()
„Зелените постојки се дел од многубројните еко активности организирани или поддржани од Халкбанк АД Скопје и сите тие претставуваат наш придонес за збогатување на зеленилото во земјата, но и за подигање на еко свеста и одговорното однесување кон околината. Овие цели ги промовираме и истите се изразени преку нашата ХалкЕко платформа – во рамките на која заедно со нашиот партнер Мастеркард целиме кон поттикнување здрави животни навики и заштита на животната средина“, велат од дирекцијата за корпоративни и маркетинг комуникации на Халкбанк.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

