Македонија
Еко-активистите бараат увид во извештајот за состојбата на исечените дрвја, Богдановиќ тврди дека биле стари и суви
Еко-активистите изразија револтираност од, како што велат, масакрот на дрвјава на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало, направен вчера.
Од иницијативата О2 велат дека дрвата не се болни, туку единствен проблем им е што биле големи, бидејќи најголемиот дел исечени дрвја се со огромни стебла.
„Од она што се гледа на терен останува впечаток дека им се нашле на пат за поставување, цевки, кабли, па што има да смислуваат решение, ќе му се секираат за некое дрво, пушти пилата и решен проблем башка ќе се отвори тендерче, ќе си посадат нови, со помали стебелнца, важно да се брои, плус ќе си пораснат цифрите на ново посадени. Друга работа е што во приказнава ич не се замаарат што толку многу дрвја им се разболуваат на толку мал простор, очигледно некој не си ја работи работата за која е платен, ама тоа за нив е нормалан работа. Нормално им е да ги соголат корењата, со бетон да ги премачакаат, да ги асфалтираат, важно улица реконструирале – достигнување, вредно за жртва од децениски израснати дрвја“, велат од иницијативата.
Здружението „Гоу грин“ бара под итно да се објави извештајот за состојбата на исечените дрвја.
„Поднесовме барање за слободен пристап до јавни информации до
1) ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје / NP “Parqe dhe gjelbërime” – Shkup за
– барањето до Град Скопје, сектор за комунални работи, за отстранување на овие дрвја
– барањето за извршување на овие активности до Општина Центар
2) До Град Скопје за:
– записникот и решението од стручните лица по увидот на терен за состојбата на дрвата
како и до
3) Општина Центар
– за решението со кое тие ја дозволуваат оваа активност
па ќе видиме што ќе ни одговорат.
п.с. ова е според чл. 29 од Закон за урбано зеленило, и член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, велат од здруженито.
Богдановиќ: Дрвјата беа стари и суви, ќе бидат заменети со нови
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во врска со вчерашната сеча рече дека дрвјата биле стари и суви, и претставувале опасност за граѓаните.
Тој најави дека на местото на исечените дрвја ќе бидат засадени нови. Образложи дека ако е утврдено оти дрвото е старо и суво, треба да биде заменето.
„Луѓето реагираат при било каква промена и сеча и овие дрвја се опасни. При најмал дожд или реконструкција на улицата, може да направат проблем. Дрворедот ќе биде обновен. Дел од тие дрвја кои вчера беа исечени воопшто немале корени и само требало посилен дожд за некој да настрада. Не се отстрануваат дрва за да никне некој објект, туку се отстрануваат за да не настрада некој“, вели Богдановиќ.
Додава дека до Град Скопје стигнале дописи, пришто луѓето во зградите алармирале дека редовно им паѓале гранки и не се чувствувале безбедни.
Дрворедот на Орце Николов има 171 дрво, а решение за сеча имало за 13 дрвја. Вчера отстранети биле осум, кои, според зборовите на градоначалникот, ќе бидат заменети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Да се издигнеме над ривалствата и поделбите, да бидеме одлучни за европската иднина на Македонија
„Во очи на Велигден, празникот кој носи надеж во срцата, љубов и радост, упатуваме порака за мир, меѓусебно разбирање, но и одлучност за иднината на државата“, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Битиќи посочува дека во овие денови се судираат два спротивставени политички концепти, при што одредени политичари се вознемирени кога гледаат пријателства меѓу различните.
„Тие политичари знаат дека не може да бидат луѓе со широко срце, со мир во душата, со подадена рака кон различниот, независно дали се Македонци, Албанци. Срби, Роми, Торбеши… или пак христијани или муслимани. Нивниот личен немир се обидуваат да го прелеат на улиците и во секојдневието на нашето општество. Насилството е единствениот начин на кој ја разбираат политиката и не се срамат, ниту воздржуваат на тоа да ги подучуваат и младите, да ги злоупотребуваат и разгневуваат“, вели Битиќи.
Тој истакнува дека треба да се градат мостови кои ќе ги надминуваат поделбите во општеството, а различните етнички, верски и културни припадности се силата на Македонија, кои сме должни да ги штитиме.
„Кога им се насмевнуваме на соседите, кога си подаваме леб едни на други, ние градиме мостови кои ги надминуваат поделбите. Но, кога нетрпеливоста ќе се прелее во нашите домови, тие мостови се рушат. Етничките, верските и културните различности се наша сила, но и должност да ги штитиме“, вели Битиќи.
Потпретседателот на СДСМ во видео обраќањето апелира христијанскиот празник Велигден да биде мотив за надминување на националистичките нетрпеливости.
„Драги сограѓани, Велигден нека ни биде поука, мотив и инспирација, да се издигнеме над ривалставата и националистичките нетрпеливости. Овој христијански празник нè подучува на жртвување, на љубов. Да нè потсети дека нашите постапки одекнуваат и кај идните генерации. Заеднички да го пронајдеме мирот во себе, но и во нашето општество“, вели Битиќи и повикува да се совладаат стравот и конфликтите со другарство и пријателство.
Упатувајќи честитка до православните граѓаните на Македонија, Битиќи ја истакнува и важноста да се отфрлат политиките кои внесуваат поделби и да се прифати разбирањето.
„Да ја отфрлиме политиката на поделби и да го прифатиме патот на разбирањето. Да се собереме околу идејата за европска Македонија, дом во кој ќе има достоинствено место за секого. Да им подадеме рака на оние на кои им е потребна, да ја прифатиме различноста и да изградиме мостови кои ќе ги поврзуваат нашите срца. На сограѓаните од православна вероисповед од срце Ви посакуваме благословени и хармонични празнични денови“, вели во видео обраќањето ко-носителот на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2, Фатмир Битиќи.
Македонија
Силјановска-Давкова присуствуваше на фестивалот Хид Бах Шен Фест по повод прославата на празникот на турската заедница Хидрелез
Во рамките на активностите во кампањата за вториот избор круг од претседателските избори, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, присуствуваше на фестивалот Хид Бах Шен Фест по повод прослава на празникот на турската заедница, Хидрелез во с. Чалакли, Валандово. Во прилог интегрален текст во кој професорката Гордана Сиљановска – Давкова ги сподели своите впечатоци:
– На покана на турската заедница од Македонија, имав особена чест, заедно со амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, н.е. г-динот Фатих Улусој, поранешниот претседател на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничка листа во ИЕ4, г-динот Александар Николоски и граданочалникот на Општина Валандово, г-динот Перо Костадниов, да присуствувам на фестивалот Хид Бах Шен Фест (Bahar Şenlikleri HID BAH ŞEN FEST) кој се одржува во селото Чалакли Валандово, а по повод празникот Хидрелез. Хидрелез е празник кој го слави турското население, а го означува почетокот на пролетта. Во една подлабока смисла, празникот Хидрелез одразува силна симболика на будењето на природата, а со тоа и на новиот циклус на обновување, не само на природата, туку и на животот.
Со задоволство ги проследив богатите церемонии, убавите танци и особено предизвикувачкото пеливанско борење, сето одраз на една богата културна традиција која се негува тука, во Македонија, Она што за нас Македонците е познато како Ѓурѓовден, турската заедница го препознава како Хидрелез. Па оттука, културната идентификација е потполно иста што претставува своевидна апотеоза на природната хармонија помеѓу македонскиот и турскиот народ на овие простори. Во знак на ваквото единство, важно е да се спомене дека на заедничка иницијатива на Република Македонија и Република Турција, празникот Хидрелез во 2017 година беше прогласен за културно наследство на човештвото и истиот е запишан на листата на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.
Ако зборуваме за европски и цивилизациски вредности, тогаш токму апотеозата на Хидрелез и Ѓурѓовден и нашето културно единство како Македонци и Турци, се вредностите кои Македонија може да ги понуди на Европа. Среќна сум што овој шаренолик мозаик, наречен Македонија е јадрото кое не обединува сите нас кон подобра и горда иднина!
Македонија
Костадиновска-Стојчевска од Пустец: Идеалите на Делчев за слобода и рамноправност се нашиот патоказ кон Европа
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во своето обраќање на свеченоста по повод откривањето на спомен биста на македонскиот великан Гоце Делчев во Пустец, Република Албанија, изрази задоволство дека заедно со Македонците од другата страна на границата, оддава почит на еден од најсветлите ликови на нашата историја, идеолог и борец за слободна и независна македонска држава.
„Делото на Гоце Делчев ги поврзува сите Македонци, каде и да сме. Ние нема никогаш да се откажеме од големите дела и големите зборови на нашите револуционери кои биле на вистинската страна на историјата, како што сме ние денес. Ние кои сме во прогресивниот табор и кои на државата и посакуваме светла европска иднина со рамноправни граѓани и среќни млади генерации“, рече Костадиновска-Стојчевска по повод откривањето на бистата на Делчев, на годишнината од неговата смрт.
Минситерката за култура посочи дека народните херои, како Гоце Делчев, и нивните идеали за слобода и рамноправност се нашиот патоказ кон Европа. Таа нагласи дека неговата визија за светот како поле за културен натпревар помеѓу народите нема никогаш да го изгубат значењето во нашето колективно постоење и во нашето настојување да создадеме сигурна, просперитетна и заедничка иднина.
„Останавме доследни на нашето ветување дека нема да престанеме да градиме мостови на поврзување и дијалог“, додаде Костадиносвка-Стојчевска која на свеченоста присуствуваше со директорката на Завод и Музеј-Битола, Мери Сојанова која во континуитет ги продолжува проектите на „Смарт фор ју ту“, за прекугранична соработка со Албанија, со што активно придонесува за поврзаноста на населението во граничниот појас.
Бистата на Делчев е поставена на иницијатива на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, чиј претседател Васил Стеровски дека оваа биста е симбол на нашата непоколебливост и верба во принципите на правда и слобода.
„Во овие тешки времиња, повеќе од кога било ни е потребно единство и решителност. Нека примерот на Гоце Делчев биде наш водич и инспирација“, рече Стеровски кој додаде дека како Македонска алијанса за европска интеграција продолжуваат да се борат за правата и идентитетот на македонскиот народ во Албанија.
На свеченоста по повод 121 годишнината од смртта на големиот револуционер присуствуваа претставници на Движеньето “За наша Македонија”, на Македонска ализанса за европска интеграциа од Голо Брдо, од Светскиот Македонски Конгрес, од Заедницата на Македонците од Егескиот дел на Македонија протерани ог Грција, од Соузот на здружениата на Македонците и децата бегалци од Егерскиот дел на Македониа МАКЕДОН како и од Македонскиот национален совет на Србија.
Бистата на Гоце Делчев е изработена од уменикот Зоран Тошевски, а е поставена пред цркавата „Св. Архангел Михаил“ во Пустец, на плоштадот именуван по Делчев. Како што велат од Македонската алијанса за европска интеграција, МАЕИ, со поставувањето на бистата на големиот херој, Македонците од Пустец ја потврдуваат својата верба дека вредностите за кои тој се борел остануваат живи и водилка и за денешните генерации. Поставувањето на оваа биста ќе придонесе за зачувување на македонското културно наследство и идентитет во областа Преспа.