Македонија
„Екосвест“ и мрежата CEE Bankwatch со студии за поголема свесност околу зачувување на животната средина
Заштитата на животната средина е глобален и комплексен предизвик којшто ги засега сите сегменти од животот на човекот, особено економскиот живот, што е и главната причина за сегашната состојба на животната средина. Балансирање на економските и социјалните влијанија врз животната средина, станува императив на јавните политики на современото општество. Оттука, развојот во 21 век треба да се заснова на рационално користење на природните ресурси, со минимални и реверзибилни штети врз животната средина.
Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ од Скопје веќе две децении активно работи на одржливиот развој, заштитата на животната средина и поттикнување зелена трансформација во општеството. Оваа есен, „Екосвест“ во соработка со мрежата CEE Bankwatch, ќе објави две студии на тема „Анализа за алтернативи за централното греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“ и „Данок на јаглерод“.
Податоците од овие студии очекуваме да поттикнат поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуки поврзани со начините на загревање во домаќинствата, но и да се информираат за алтернативите кои би го подобриле нивниот квалитет на живот, а би ги подобриле и состојбите во животната средина.
Енергетската ефикасност е процес на намалување на потрошувачката на сите видови енергија додека се подобрува квалитетот на живот, што значи трошење помалку енергија за иста количина производи или услуги.
Така на пример, можете да земете класична светилка, која најголем дел од електричната енергија којашто ја користи ја претвора во топлина, иако нејзината главна цел е да ја претвори електричната енергија во светлина. Затоа, класичната светилка е енергетски неефикасна, за разлика од новите генерации на „штедливи светилки“, кои поголемиот дел од електричната енергија што ја трошат ја претвораат во светлина.
Доколку, пак, електричната енергија која ја трошат доаѓа од одржливо искористени обновливи извори, како што се сонцето или ветерот, тогаш енергијата која ја користи таа светилка истовремено е најмалку штетна за животната средина и здравјето на луѓето.
На истиот овој начин, преку инвестирање во одржливи начини на греење како што се инвертер-климите, особено со нивно комбинирање со кровни соларни панели со кои се обезбедува енергија за нивното работење, се создава еден исклучително ефикасен систем за загревање на домаќинствата кој носи големи заштеди на долг рок. Придобивките од ваквите системи може повеќекратно да се зголемат со здружување на неколку домаќинства во таканаречени енергетски заедници каде што со заедничка инвестиција ќе создадат мал енергетски систем за сопствените потреби. Ова секако треба да е придружено и со обезбедување енергетски ефикасна топлинска изолација на објектите коишто се загреваат.
На овој начин придонесуваме за севкупно намалување на потрошувачката, зачувување на животната средина, подобрување на личната удобност и животниот стандард и, што е најважно, придонесуваме за позитивни промени и навики во околината и општеството.
„Екосвест“ како центар за истражување и информирање за животната средина апелира на вклучување на секоја единка да инвестира во процесот на зачувување на животната средина и менување на навиките кои ќе доведат до поздрав живот за сите.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

