Македонија
ЕК ја прифати кандидатурата на Скопје за „Европска зелена престолнина 2021“

Европската комисија ја прифати кандидатурата на Град Скопје за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година. Оваа награда, која е воведена во 2010 година, го вреднува напредокот што ќе го постигне еден град во спроведувањето на зелените политики, односно напредокот во подобрувањето на животната средина.
За наградата „Европска зелена престолнина 2021“ се натпреваруваат девет града, и тоа Будимпешта (Унгарија), Калјари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Скопје (Македонија), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вестерос (Шведска).
Градот Скопје апликацијата за ова престижно признание ја поднесе во октомври годинава. Апликацијата, која е на 150 страници, содржи вовед и опширни одговори на прашања за постојната состојба со животната средина во градот, минатите активности во оваа област и плановите и чекорите што ќе ги преземе Град Скопје до 2021 година во 12 индикатори (показатели), и тоа: ублажување на климатските промени, приспособување на климатските промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиштето, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, води, зелена површина и екоиновација, енергетски перформанси и управување.
Во наредниот период градот Скопје ќе биде предмет на евалуација од жири-комисија, која ќе го вреднува напредокот на Скопје во сите области опфатени во апликацијата. Комисијата ќе престојува и во Скопје и на терен ќе ја согледа состојбата со животната средина и активностите за подобрување. Жирито ќе ја процени посветеноста на градовите апликанти на одржливоста на урбаниот развој, нивниот капацитет да бидат пример за другите градови и нивната стратегија за комуникација и ангажирање на нивните граѓани. Во април 2019 година ќе се направи потесен избор на градови кандидати за добивање на оваа награда.
„Аплицирањето за оваа награда придонесе да се забрзаат активностите на Град Скопје за почиста и поздрава животна средина, беа согледани реалните состојби и беше даден поттик да се подобрат работите“, велат од Град Скопје.
Престижната награда „Европска зелена престолнина“ досега ја добија: Стокхолм, Хамбург, Виторија – Гастејс, Нант, Копенхаген, Бристол, Љубљана, Есен, Најмеген, Осло ќе ја добие во 2019, а Лисабон во 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.