Македонија
ЕЛЕМ не бара пропусти при вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска
АД ЕЛЕМ информира дека нема добиено известување од антикорупциската комисија дека е донесен заклучок во врска со случајот на вработување на работникот Виктор Стојчевски, син на пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска, и сè додека не добијат таков заклучок, велат дека компанијата не може да одговори на прашања за пропусти, без да биде утврден пропуст.
Оттаму велат дека документацијата што АД ЕЛЕМ ја доставила до комисијата, покажува дека наведениот кандидат ги исполнувал условите предвидени во конкурсот:
„За местото инженер за нови технологии – приправник се бара високо образование, седми степен, од техничките факултети, за кое приправничко место работен стаж не се побарува“.
Огласот е објавен во дневните весници „Вечер“ и „Коха“, а се пријавиле тројца кандидати“, додаваат од АД ЕЛЕМ.
„Во однос на вработувањата, АД ЕЛЕМ подлежи на Законот за работните односи. Иако не подлежи на Законот за вработените во јавниот сектор, новото раководство на ЕЛЕМ воведе практика на формирање комисии за избор кои треба да оценат кој е најсоодветен кандидат, иако тоа не е предвидено во Законот за работните односи, кој важи за ЕЛЕМ. При поголем број пријавени се пристапува и кон нивно повикување на интервјуа, иако и тоа е дел од обврските во Законот за вработените во јавниот сектор, на кој компанијата не подлежи, но е воведено од новиот менаџмент како позитивна пракса, која до 2017 година воопшто не се спроведувала.
Од компанијата велат дека во конкретниот случај се барало почетник и од сите кандидати, избраниот кандидат имал најсоодветно образование за работните задачи, кои е планирано да се побаруваат во иднина од тоа работно место (на компанијата ѝ е потребен геодет, со оглед на тоа што почнува неколку проекти од областа на обновливите извори на енергија, кои бараат примена на нови технологии и обезбедување подлога, документациска и теренска, за нивно инсталирање). Другите двајца кандидати биле со машински и електротехнички факултетет.
„Исто така, проценето е и дека ангажирањето млад кадар, кој неодамна завршил со своето високо образование, е најдобро решение со оглед на тоа што 70 отсто од вработените во компанијата се над 50-годишна возраст, така што една од обврските на секој менаџмент е да обезбедува одржлив кадровски развој. Другите двајца кандидати имале работно искуство од 10 и 20 години, што во конкретниот случај не соодветствувало на определбата на ЕЛЕМ да инвестира во млад кадар, кој ќе биле обучуван според стандардите и потребите на компанијата. Ранг-листа како документ не е предвидена според Законот за работните односи, затоа, заради информирање на јавноста, овде описно е изнесено како е извршен изборот. Исто така, информираме дека не бил вршен никаков притисок во однос на конкурсот за ова работно место“, се наведува во реакцијата на компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: ДЕА доставила податоци до македонското и српското обвинителство за скандалот со 5 тони дрога
СДСМ веќе со денови предупредува на последните настани поврзани со најголемата заплена на марихуана во регионот: 5 тони дрога во соседна Србија, која потекнува од Македонија.
Ова е скандал од огромни размери кој го открива длабокиот криминал на актуелната власт предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски, истакна на прес-конференција Александар Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Според неофицијални информации од медиумите во Србија, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога (DEA).
Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија?
Овој молк не е случаен, туку индикатор дека во тврдењата има вистина. Бидејќи фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, МВР, Царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна“.
Затоа, додава тој, е паниката во власта.
Како што вели, Ннместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога.
СДСМ бара итна, независна и транспаррентна истрага која ќе даде одговор на клучните прашања:
„Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница?
Дали Симе, од сликите со Мицкоски е исто така дел од мрежата?
Ова нема лесно да заврши! Сите ќе одговараат“.
Македонија
Општина Кисела Вода: Собирање на кабаст отпад, нова, постојана услуга за граѓаните
Општина Кисела Вода, преку Јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022-Скопје“, започнува со самостојно и континуирано собирање на пријавен кабаст отпад на целата територија на општината.
До сега, според општината, оваа услуга се реализираше неколку пати годишно, во соработка со службите на Град Скопје, но од сега услугата ќе биде достапна континуирано, секогаш кога граѓаните ќе имаат потреба. „Пријавувањето за подигнување на кабаст отпад се врши на телефонскиот број:
070/288-897, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Цената на услугата е 1500,00 денари.
По извршена пријава, екипите на ЈКП ќе го подигнуваат отпадот во рок од 24 часа. Потребно е да биде оставен пред куќата или зградата.
Собраните количини се транспортираат и соодветно се депонираат во ЈП „Дрисла“, согласно важечките еколошки стандарди.
Кабаст отпад кој може да се пријави: стар мебел, врати, прозорци, душеци, друг кабаст домашен отпад.
Отпад кој не се прифаќа: градежен шут, електронски отпад, гуми, опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
Правилното депонирање на отпадот е законска обврска“. Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да придонесат кон одржување на чиста и уредна околина.
Македонија
Владата на Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски не сака да ја зголеми минималната плата на 600 евра и директно ги остави работниците сами во борбата за гол опстанок, велат од СДСМ.
„По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници живеат сè потешко, додека вредноста на синдикалната кошница порасна на 66.000 денари. Животот поскапува, а платите стагнираат, тоа е суровата реалност на македонските работници.
Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите ранотници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа беа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор.
Фактите се поразителни: околу 200.000 работници земаат плата под 30.000 денари. Тоа значи продлабочување на сиромаштијата, губење на достоинството на трудот и забрзано иселување на младите и квалификуваните луѓе“.
Минималната плата, нагласуваат од опозициската партија, мора да важи за сите – во јавниот и во приватниот сектор, во фабриките, конфекциите и малите компании. Селективни решенија и козметички договори не го решаваат проблемот.
„Решението на СДСМ е јасно, реално и изводливо. Минималната плата веднаш се зголемува за 50%, односно за 12.000 денари, и достигнува 600 евра. Тоа е мерка што директно го подобрува животот на работниците – сега, а не некаде во иднина.
Со ребаланс на Буџетот и со кратење на луксузот на власта – службени возила, мебел, патувања, кабинети, може да се обезбедат околу 200 милиони евра. Тие средства се доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
Но владата на Мицкоски ги извиси работниците и си го избра сопствениот луксуз“.

