Македонија
ЕСМ: Се поставуваат цевките на топловодот од РЕК „Битола“
Почна поставувањето на цевките на топловодот од РЕК „Битола“ до Битола. Со засилен интензитет се подготвува трасата низ која ќе поминува топловодот, кој ќе обезбеди топлинска енергија за Битола, Новаци и за Могила – трите општини во близина на РЕК „Битола“.
Првите цевки се поставени на излезот од РЕК „Битола“ кон Новаци и тие треба да ја прифаќаат топлинската енергија што се создава како нуспроизвод во текот на производството на електрична енергија и да ја спроведуваат во системот за парно греење на трите општини.
Изведувачите на работите, фирмите „Рапид билд“ и „Гранит“ во оваа фаза имаат трасирано повеќе од два километра од топловодот обезбедувајќи работен простор за машините што ги транспортираат и поставуваат цевките.
Почетокот на проектот „Топлификација на Битола, Новаци и Могила“ беше означен во декември минатата година. Проектот е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската банка КфВ, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Рокот за изведба на проектот е две години. Во согласност со планот, на почетокот на топлификацијата ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола, кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и во Могила.
Еколошките придобивки од топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување ваков вид греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива што загадуваат како во институциите така и во домовите. На тој начин создаваме долгорочно и одржливо решение за намалување на загадувањето во Битола и околината.
Топловодот дополнително ќе даде можност и за загревање земјоделски оранжерии, со што ќе се обезбеди поддршка на развојот на земјоделството во Пелагонискиот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Во Карпош и Центар најголема излезност до 13 часот, а најмала во Сарај и Чаир, соопшти ДИК
За излезноста на гласачите за Град Скопје до 13 часот процентот на избирачи кои гласале на избирачките места од пристигнатите податоци до ДИК е 15,28%, односно на овие избирачки места гласале 71.849 гласачи, соопшти ДИК.
„Вкупниот борј на избирачи запишани во избирачкиот список изнесува 474.304 гласачи а податоците што се пристигнати до ДИК се од 678 избирачки места, што во проценти значи 98,98% пристигнати до ДИК“.
Најголема излезност за градоначалник на Град Скопје според ДИК се забележува во општините: Карпош со 22,14%, Општина Центар 21,58% и Кисела Вода со 19,57%. Најмала излезеност до 13 часот има во Сарај со 3,58% и Чаир со 5,34%.
Споредено со одзивот на гласачи во првиот круг и пресекот направен тогаш во 13 часот, излезноста била 20,07%, соопшти ДИК.
Одзивот на гласачите по другите општини до 13 часот процентот на избирачи бил 19,96% а бројот на избирачки места од каде пристигнале податоци до ДИК е 1279 или 93,15%. Споредено со првиот круг излезеноста во 13 часот била 20,12%.
Македонија
МВР: Гласањето од вториот круг на локалните избори се одвива мирно
Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава, соопшти МВР.
Од таму велат дека преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
„До сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“.
Македонија
До 11 часот гласале 10,1 отсто од избирачите, најмногу во Пробиштип, намалку во Сарај
Одѕивот до 11 часот на вториот круг од локалните избори изнесува 10,1 проценти.
Според информациите на Државната изборна комисија, највисока е излезноста во Пробиштип каде гласале 22 проценти од избирачите, а висока излезност има и во Лозово и Крушево, со околу 20 и 19 отсто. Најниска е излезноста во Сарај со 1,86 отсто и Чаир со 2 проценти.
Излезеноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет. Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.

