Македонија
ЕУ ги повика Бугарија и Македонија да најдат решение
Европските претставници од сите групи на ЕУ ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да најдат решение за билатералните разлики, објави БНР.
Двете страни ги продолжуваат преговорите.
Северна Македонија очекува Бугарија да одобри почеток на преговорите на земјата со ЕУ.
„Македонската влада направи сè што очекувавме, но не ги почна преговорите. Земјата е синхронизирана и со политиките кон Русија“, изјави социјалистот Тонино Пацула.
Европратеникот Андреас Шидер инсистира дека бугарското однесување не решило ниту едно прашање, а покрај тоа има влијание и врз земјата и ЕУ.
И францускиот претседател Емануел Макрон вчера во телефонските разговори со премиерот Димитар Ковачевски, со бугарскиот премиер Кирил Петков и со бугарскиот претседател Румен Радев посочил дека Северна Македонија и Албанија треба брзо да се поттикнат да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.
Претходно неделава високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел повика веднаш да почнат преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Борел за првпат постави рок, барајќи бугарското вето да се укине до крајот на француското претседателство, кое истекува на крајот на јуни.
Ковачевски: Не постои документ што е заеднички прифатлив за двете страни
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека во овој момент нема прифатлив документ кој може да претставува основа за решение. Премиерот подвлече дека нема да има никакви отстапки, со оглед на тоа што разговорите и решението мора да се заснова на европски вредности, на меѓусебно почитување помеѓу политичарите, институциите и граѓаните од двете држави и задржување низ разговорите на достоинството на граѓаните на двете држави.
Ковачевски изјави дека нашата европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично, како што изјави, сите земји од Европската Унија го оправдуваат. Кога се зборува за историја, не се ветува ништо, туку само се зборува за нешто што се случило пред 100-150 години. Тоа е класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого. Затоа сметам дека зборувањето за теми што ја засегаат иднината на државата се многу значајни и на таква основа треба да се водат сите разговори, рече Ковачевски.
Тој повтори дека нам ни е потребно брзо решение, но не избрзано решение.
„Северна Македонија 17 години има кандидатски статус и постои опасност за еден процес што е толку долг, да се намали довербата во него, не од страна на институциите, туку од страна на самите граѓани. Втора работа е што во услови на постојното, ново, по војната во Украина, геостратешко вложување во Европа, проширувањето на ЕУ не претставува само економско или политичко прашање, туку претставува и безбедносно прашање. И од таа причина сметам дека ЕУ треба час поскоро да одреди датум за почнување преговори со Северна Македонија“, изјави Ковачевски.
„Нашиот став нема да се промени, не сме на фудбалски натпревар“
Пред два дена бугарскиот претседател, Румен Радев изјави дека не треба да се дозволи легитимација на македонизмот. Во ЕУ нема место за идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната, изјави Радев по средбите со германскиот државен врв во Берлин.
Бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, пак рече дека „ставот на Бугарија за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ е јасен и не може да се менува на претстојниот Совет за општи работи.
„Односите меѓу нашите две земји не може да се сведуваат на фудбалски натпревар и да разговараме во чие поле е топката“, рече Генчовска коментирајќи ја изјавата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи дека топката е на полето на Бугарија.
„Министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме во кој тим е или на кој терен е топката. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам на кој појасен начин да му објаснам на господинот Османи“, рече Генчовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.
Македонија
ЦУК: Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизра
Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизира, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму, исто така, наведуваат дека до овој момент во РЦУК Скопје нема пристигнато пријави за штети предизвикани од врнежите од дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.
Струмички регион
Според информациите од ЕЛС Струмица, состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.
Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.
Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино.
Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
Штипски регион
Поради врнежите од дожд зачестени се одрони и свлечишта на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и прилагодено возење.
Во Штип пријавен е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента. По завршување на увидот од СВР Штип ќе се пристапи кон расчистување.
Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање.

