Македонија
Ефтимов: Препораките во извештајот од Комитетот за заштита од тортура мора да се сфатат сериозно, потребни се итни реформи на затворскиот систем
Државниот секретар Дајанчо Ефтимов присуствуваше на тркалезната маса што ја организира Советот на Европа во Скопје, на која имаше дискусија за препораките во извештајот од Комитетот за заштита од тортура.
Во обраќањето Ефтимов се осврна на проблемите со кои се соочуваат затворските установи и неопходноста од реформи со цел да се овозможи ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица.
„Состојбата е сериозна и ние сме свесни дека е потребно навистина многу голем труд и посветеност. Мора да воспоставиме правда и правна сигурност, да покажеме дека имаме вредности, дека сме достојни за држава и дека сите ние заедно сме подготвени да градиме подобра иднина за нашата држава. Реформите во затворскиот систем се повеќе од потребни и Министерството за правда и јас како државен секретар со големо внимание ги следиме сите забелешки од Комитетот за заштита од тортура нотирани во извештаите бидејќи тие се потребен и се неопходен коректив во нашиот стремеж за достигнување на развиените системи на европските држави“, рече Ефтимов.
Државниот секретар Дајанчо Ефтимов порача дека нотираните забелешки во извештајот од Комитетот за заштита од тортура се сфаќаат многу сериозно и во иднина ќе се работи на нивно отстранување.
„Нашата работа допрва почнува и мора да бидеме максимално посветени затоа што иднината зависи од нас. Нема да се лажеме дека ќе биде лесно. Нема да биде лесно. Од нас се очекуваат зрелост и сериозна посветеност. Да се држиме до планот за развој и да се бориме искрено, чесно, одговорно –-тогаш успехот ќе биде неизбежен и промените ќе бидат видливи“, порача Ефтимов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

