Македонија
По породувањето, жена паднала од првиот кат на скопска Гинекологија
Во критична состојба се наоѓа триесет и деветгодишната жена, која паднала од првиот кат на скопската Клиника за гинекологија. Станува збор за трудница, која се породила, па паднала од првиот кат на скопската Клиника за гинекологија.
Пациентката на Клиниката била донесена во 36. недела од бременоста, а набргу родила здраво машко дете.
Според последните информации, еден ден пред да си оди таа потпишала дека не сака да го дои бебето.
Повредената пациентка била итно пренесена на КАРИЛ, на Одделот за неврохирургија, каде што ѝ била извршена итна операција, но лекарите не ја знаат точната причина за случајот.
„Пациентка на 39-годишна возраст од Скопје е примена на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје на 28 јуни во 21.16 часот поради крвавење во последниот триместар од бременоста (36. гестациска недела). Пациентката веднаш е прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и е утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба што витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката. Пациентката веднаш е примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција. Пациентката е уредно следена на одделот за породени жени – Пуерпериум во согласност со медицинските стандарди и протоколи. Во петокот пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен е разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката е следена во согласност со дадените препораки. Следниот ден пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинеколошко-акушерски статус. Вчера, пак, на утринската визита, пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука за подобра процена на состојбата пред испис да се повика психијатар. Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката“, е наведено во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев му отпишал жито за 800.000 евра, а Николовски му вратил со грант од 1.4 милиони евра
По аминувањето од страна на Заев и Филипче на владина седница за кусокот 2.000 тони жито вреден 800.000 евра, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа на својот ментор со грант од 1,4 милиони евра, средства од ИПАРД програмата, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Компанијата „Тргопродукт’’, која е една од најпознатите фирми во сопственост на Заеви, во тогашната 2022 година, добила грант вреден 1,4 милиони евра. За граѓаните да им биде појасно, станува збор за познатиот бренд на Заеви, „Мамас’’.
Уште по сомнително е тоа што овој грант во вредност од близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, тогаш бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Ги прашуваме Заев и Љупчо Николовски, дали станува збор за меѓусебен договор, откако Заев му аминува кусок од државните стокови резерви во вредност од 800.000 евра државни пари, а тој продаден завршува на црниот пазар во соседна држава по скоро двојно повисока цена? Дали Љупчо Николовски како тогашен министер преку своето влијание помогнал да Заеви добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра? Уште колку вакви тендери и договори имаат направено овие луѓе? Дали можеби конечно и обвинителството и судството ќе се одважат и да ги проверат овие случаи“.
Според Манасиевски, менторот Заев, како што вели, добро ги обучил Љупчо Николовски и Венко Филипче да бидат негово продолжение на политичката сцена.
Манасиевски оценува дека народот веќе еднаш му пресуди на Зоран Заев, а сега му пресуди и на Венко Филипче.
„Се додека овие корумпирани и криминални ликови не се оттргнат од партијата, таа ќе продолжи да пропаѓа секојдневно“.
Македонија
(Видео) Тошковски: За 24 часа, регистрирани се 110.000 прекршоци во сообраќајот
Камерите во Скопје забележале околу 110.000 прекршоци во сообраќајот за 24 часа. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кажа дека најголем дел од нив се однесуваат за пречекорена брзина на возење.
Министерот, исто така, кажа дека правилата ќе важат за сите, дури и за функционерите, и никој нема да биде поштеден ако направи прекршок. Кажа и дека системот „Безбеден град“ има слабости и дека остануваат отворени за секакви решенија што ќе придонесат за намалување на бројот на жртви во сообраќајот.
„Околу 110.000 за 24 часа само за Скопје, катастрофална бројка. Околу 1.000 прекршоци се за нерегистрирани возила, околу 5.000 за поминување на црвено, а најстрашно е што над 90 отсто или повеќе е пречекорување на брзина“, кажа Тошковски.
Тој уверува дека секој функционер што ќе направи прекршок ќе биде казнет.
„Најодговорно тврдам – ниеден функционер во рамки на редовно вршење на неговите јавни работи ако стори прекршок ќе биде казнет“, кажа тој и додаде дека нема да има селективен пристап за никого и никој нема да биде поштеден.
Министерот, исто така, кажа дека најмалку тројца шофери на министри се веќе казнети, но не сакаше да ги открие имињата на министрите. Појасни дека се казнети со запирање од страна на полициски службеник, а не преку „Безбеден град“.
Во врска со странските возачи, Тошковски кажа дека ниту странските возила нема да бидат исклучени.
„При излез од Македонија не можат да бидат спречени да излезат, согласно закон, но ќе бидат информирани дека нема да им биле дозволен влез во Македонија доколку нема да ја платат казната“, рече Тошковски.
Вчера почна пробниот период на проектот „Безбеден град“ кој ќе трае еден месец, а од 1 јануари 2026 ќе стартува и казнувањето.
Македонија
Почна изградба на нова детска градинка во Дексион-Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров денеска го означи стартот на изградбата на новата детска градинка во урбаната заедница Дексион.
На настанот присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Објектот е со површина од 900 м² со капацитет од 120 деца. Рокот за изградба е две години, а инвестицијата на општината изнесува 81.964.479,19 денари со ДДВ.
Објектот, како што е соопштено, е проектиран според највисоки европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност, со занимални, голем централен хол, современа централна кујна, целосна пристапност за лица со попреченост, детски игралишта, зеленило, урбана опрема, топлински пумпи и соларен систем за пониски трошоци.
– Континуирано вложуваме во образованието, раниот детски развој и создавање современи, безбедни и достоинствени услови за најмладите жители на Ѓорче Петров. Со овие проекти градиме иднина која е стабилна, квалитетна и насочена кон семејствата и децата – истакна градоначалникот Александар Стојкоски во изјава за медиумите.
„Новиот објект во Дексион е уште еден чекор во насока на подобрување на условите за предучилишна возраст, а градинката која исто така е во изградба, а со локација во Стопански Двор е показател дека нашата визија е секое дете во Ѓорче Петров да има пристап до современи и квалитетни услови за растење и учење“.
Стојкоски за наредните четири години најави уште три вакви објекти.

