Македонија
(Видео) Жените маршираа извикувајќи „Не сакаме цвеќе, сакаме права“
Денес маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено, маршираме да покажеме дека веќе не толерираме празна реторика, не прифаќаме само декларативно залагање за родова еднаквост – вака почна прогласот за третиот марш за права на жените и родова еднаквост кој се одржа под слоганот „Дали е среќен 8 Март?“.
Маршот за правата на жените тргна од паркот Жена борец, па преку Центар до плоштадот „Филип II“. Притоа активистките за женски права гласно извикуваа „не сакаме рози, сакаме права“.
Главните барања што жените ги упатија до власта се итно и неодложно да се донесат три закони со кои ќе се подобрат нивните права – закон за прекин на бременоста, закон за спречување и заштита од дискриминација и закон за социјална заштита.
Снешка Илиќ од платформата за родова еднаквост изјави дека нема повеќе да толерираат залагање за рамноправност на жените само на хартија.
„Жените и понатаму се неактивни на пазарот на труд, иако се повеќе образувани од мажите. Насилството врз жените и девојките е жална реалност во нашето општество. Стереотипите и омразата се присутни не само во приватната туку и во јавната сфера“, истакна Илиќ од невладината организација „Реактор“.
Салија Бекир Халим од иницијативата на жени од Шуто Оризари порача да престане дискриминацијата врз Ромките во сите сфери.
„Упатувам повик до државата веднаш да презеде конкретни мерки, да им стави крај на малолетничките бракови, на незаконската наплата од страна на матичните гинеколози и да се донесе законот за заштита до дискриминација“, кажа таа.
Во името на жените фармери се обрати Валентина Пармачка од национлната федерација на фармери. Таа рече дека жените земјоделки се најдискриминирани во општеството.
„Жените фармерки се дискриминирани и во законско решение. Недозволиви се барањата во програмата за рурален развој со која се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработена, домаќинка и да живее на село. Оваа е дискриминаторска мерка, бараме власта да ја исправи“, нагласи Пармачка.
Протестниот марш го организира платформата за родова еднаквост во која членуваат 22 невладини организации. На маршот пртестираа и министрите Дамјан Манчевски и Мила Царовска, а во толпата беше присутна и Гордана Силјановска Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.