Македонија
Жерновски на министерска сесија во Хелсинки
На Министерската сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, која се одржува денес во Хелсинки, Финска, учествува делегација на Република Северна Македонија, предводена од заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
Годинешната министерска сесија е во знакот на 70-годишнината од договорот од Лондон, со кој се основа Советот на Европа, дом на сите европски нации собрани околу вредностите на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Истовремено, шефовите на европските дипломатии дискутираат и за актуелните политички предизвици со кои се соочуваат европските демократии, но и самата организација.
Во својот говор заменикот-министер Жерновски ја истакна пан-Европската димензија на Советот на Европа и важноста на системот на конвенции за заштита и промоција на човековите права, демократските принципи и владеењето на правото. Притоа, беше подвлечено значењето на концептот „Едно општество за сите“ како императив на Владата со кој се обезбедува инклузивност и еднаков третман на сите поединци во македонското општество, што истовремено е и клучно за довербата на граѓаните во институциите и демократските процеси. Беа истакнати и реформските резултати во сферата на правосудството, борбата против корупцијата, социјалната заштита, невладиниот сектор и медиумите, пред сè за граѓаните и како неопходност за процесот на европската интеграција.
Жерновски одржа и повеќе билатерални средби со шефовите на дипломатиите на повеќе земји членки на Европската Унија, меѓу кои со МНР на Луксембург, Жан Аселборн, со МНР на Холандија, Стеф Блок, со МНР на Грција, Јоргос Катругалос, со МНР на Норвешка, Ине Ериксен Сореиде, МНР на Белгија, Дидиер Рејндерс, со МНР на Турција, Мевљут Чавушоглу, како и со Државниот секретар на Австрија, Андреас Рикен.
На средбите беше истакнато значењето на отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ, како признание за постигнувањата во македонското општество, но и како инвестиција за продолжување на реформите и влог во стабилноста на регионот на З. Балкан. „Ние испорачавме и затоа очекуваме валоризација на сработеното, како јасен сигнал за Европската иднина на целиот регион”, истакна ЗМНР Жерновски на средбите.
Од страна на соговорниците беше потенцирано дека Република Северна Македонија претставува добра вест за целиот Регион и ЕУ, и пример за тоа дека преку визионерско лидерство и јасна европска перспектива на Балканот се можни решенија дури и на најделикатните отворени прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков: Случајот со апелациониот судија не е само скандал, тоа е симбол на длабока системска слабост
Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција се осврна на актуелните состојби во правосудството и пристапот на Министерството за правда кон утврдување на фактичката состојба на терен и преземањето конкретни мерки.
,,Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја засилија загриженоста околу интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и обвинителството. Таквите појави не смеат да се релативизираат, ниту да се игнорираат.
Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата?
Случајот со апелациониот судија кај кого беа пронајдени 350 илјади евра, скриени и заѕидани во ѕид, не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем”, рече министерот за правда Игор Филков.
Овој случај , според Филков дополнително ја нарушува довербата во целото судство и ја доведува под сомнеж функцијата судија која што треба да е во служба и во интерес на граѓаните и правдата, а не привилегија.
Истовремено, јавноста сведочи и на сериозни предизвици во функционирањето на обвинителството – недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недоволна решителност во справувањето со најтешките форми на криминал.
,,Истражувањата за перцепцијата на корупција покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена.. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука.
Јасно е дека проблемот е системски и не се однесува само на поединечни случаи. Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори”, нагласи министерот за правда Игор Филков.
Македонија
ДУИ: Дебаклот во Давос како слика за урнисана меѓународна позиција на земјава
Демократската унија за интеграција реагира на како што велат, крајно погрешната и штетна патека по која се движи Република Северна Македонија, стратешките отстапувања и честото менување насока, која, според оваа партија, земјата ја доведе во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја.
„Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата.
Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија“. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Board of Peace“, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата“.
Последиците од оваа изолација, како што посочуваат од ДУИ, веќе се чувствуваат.
Појаснуваат дека европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија од алтернативните центри на моќ, со што ѝ се заканува колапс не севкупниот политички систем.
„Два американски инвеститори ја напуштија земјата, нови инвестиции не доаѓаат, буџетот се празни, а економскиот стандард ги прави граѓаните да живеат сѐ посиромашно. Ова не е апстрактна политика, туку состојба која директно ќе ја погоди секоја фамилија, секој работник и секој бизнис“.
ДУИ предупредува дека продолжувањето на оваа состојба на изолација ќе има долгорочни и тешко поправливи последици за економијата, стабилноста и иднината на државата. „Северна Македонија не смее да биде изолирана земја, без сојузници, без перспектива и без доверба“.
Македонија
Петрушевски: Дали Филипче со државни пари сакал поевтино да ја преземе клиниката „Жан Митрев“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска упати обвинувања до претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, дека во време на владеењето на СДСМ државниот апарат бил користен за остварување приватни интереси, а посебно, како што рече, за притисоци врз доктор Жан Митрев со цел клиниката да му се отуѓи по „багателна цена“.
„Наместо да се грижи за здравјето на граѓаните, Венко гледал како да дојде до приватна болница“, изјави Петрушевски.
Тој посочи дека буџетските трансфери од државата кон Клиничката болница „Жан Митрев“ нагло се зголемиле во периодот кога министерството го водел Филипче. Според податоците што ги изнесе, во 2015 година трансферите изнесувале околу 5,8 милиони евра, а во 2020 – речиси 11 милиони евра.
„Јавно достапните информации говорат дека во време на власт на СДС, особено кога Филипче е министер, се зголемува буџетот кој Клиничката болница од државните институции. Од 361.600.000 денари или околу 5,8 милиони евра, колку што изнесувал буџетот во 2015 година, трансферите до болницата од државната институција се зголемија за скоро дупло со доаѓањето на СДС на власт. Односно, во 2020 година кога Филипче раководеше со македонското здравство, буџетските трансфери кон болницата на којашто Венко и фрлил око, достигнале до 682 милиони денари, сума која во денари изнесува скоро 11 милиони евра“, рече.
„Го прашуваме Филипче: дали овие огромни приливи биле дел од обидот да се изврши притисок за клиниката да се продаде поевтино?“ рече Петрушевски.
Пратеникот апелира до Јавното обвинителство да постапи по, како што рече, сериозните индиции за изнуда и криминал.

