Македонија
Жерновски: На партиското судство му се ближи крајот
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со денешното одложување на судското рочиште во случајот „Демолирање на општина Центар“ и „Нарачани шлаканици од Груевски за Жерновски“, рече дека правдата доаѓа полека, но сигурно.
„Никој не веруваше дека Груевски ќе одговара и ќе оди на суд, но тоа се случува. Судството, кое е последниот бастион на Груевски, ќе мора да се реформира . Многу брзо работите ќе почнат да се враќаат во нормалниот колосек, а криминалците да одговараат. Персонификација на криминалот е Никола Груевски“, рече Жерновски.
На прашањето за тоа дали на Груевски му се брза за завршување на судскиот процес пред формирање на новата влада, Жерновски рече дека може и да му се брза, но има и друг суд, а тоа е судот на јавноста, тие веќе својата одлука ја испорачаа на последните парламентарни избори, каде ВМРО-ДПМНЕ во Центар загуби со 8.500 гласови разлика. Тоа ќе биде потврдено и на следните локални избори.
Во врска со идејата на Милчо Манчевски за ставање мораториум за градење во Дебар Маало, градоначалникот Жерновски рече дека е задоволен бидејќи граѓаните ја прифатија и ја користат платформата „Идеи за Центар“ за да можат сами да ја креираат својата општина.
„Немаме законска можност да се стави мораториум за градење во Дебар Маало за да се заштити овој дел од Центар од урбаната мафија, иако целосно ја поддржувам идејата. Сакам да истакнам дека во изминатиот период, откако е дојдено ова раководство, нема нови градби, а незаконски е да се оневозможат градби за кои инвеститорите веќе добиле дозвола од претходното раководство од ВМРО-ДПМНЕ. Во последните три години општината не изгласа ниту една нова градба во Дебар Маало. Ги повикувам на средба претставниците на иницијативата, како и секогаш досега и да најдеме заедничко решение за заштита на Дебар Маало, бидејќи ние сме на иста страна. Со недонесување на нов ДУП, иако не de jure, но de facto ставивме мораториум за заштита на Дебар Маало од урбаната мафија“, рече градоначалникот Жерновски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.
Македонија
Утре ќе биде променливо облачно, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

