Македонија
Жерновски: Од национализам преминивме кон интернационализам
Во министерството за надворешни работи, заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, се сретна со делегација на Одборот за европски работи при Саборот на Република Хрватска, предводена од претседателот на Одборот, Домагој Милошевиќ, кои од вторникот престојуваат во официјална посета на земјава.
На средбата беа реафирмирани одличните и пријателски билатерални односи меѓу двете држави како темел за натамошна успешна соработка во сите сфери од заемен интерес.
„Жерновски упати благодарност за силната и безрезервна поддршка од Република Хрватска за евро-атлантските интегративни процеси на Република Северна Македонија. Во тој контекст од негова страна беше нагласено дека нашата земја постигна суштински напредок како на домашен така и на надворешен план и дека очекува земјите членки на ЕУ да го земат во предвид исклучителниот степен на исполнување на обврските и нашата целосна подготвеност за почеток на преговорите да биде валоризирана со определување конкретен датум на следните самити на Советот на ЕУ“, соопштија од МНР.
„За кус период успеавме од национализам да преминеме кон интернационализам“, истакнал Жерновски на средбата, при што оценил дека Република Северна Македонија направи голем исчекор кон стратешките цели за ЕУ и НАТО-интеграцијата.
Соговорниците од Хрватска изразиле силна поддршка за интегративните процеси на Република Северна Македонија, за што, како што се вели во соопштението, говори и упатеното писмо од нивна страна до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, како и до премиерката на Романија, Виорика Данчила, земја претседавач со Советот на ЕУ, во кое од европските лидери се бара неодложна одлука за определување датум за преговори за РСМ на престојниот јунски самит.
„Таквата конкретна одлука ќе значи признавање на остварениот напредок, реализиран во комплексен политички контекст, ќе биде од интерес на сите семји од Југоисточна Европа, а ќе придонесе и за стабилноста не само на регионот туку и на цела Европа“, се наведува во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

