Македонија
Жерновски: Постојат структури кои работат на проект против нашите интеграции во НАТО и ЕУ
Постојат надворешни и внатрешни сили кои перманентно работат на проектот наречен „Република Северна Македонија не смее да влезе во НАТО и ЕУ“, предупредува заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
Тој на својот профил на социјалните мрежи, напиша дека овие структури народот ги виде на дело пред, за време и после референдумот, а нивните капацитети сега се насочен кон ЕУ, односно кон датумот за преговори.
„Во превод, проектот сега има полокализиран наслов и е заведен под името ‘Октомври’, но геостратешка цел останува иста. Во тој проект, се разбира дека се вклучени и медиумите. Понекогаш домашни, а (се’) почесто и странски. Тоа не е ништо ново, па затоа веќе е време да се навикнеме на тој феномен. Вклучени се и пари, многу пари. А тие, такви какви што се, знаат да влезат низ сите можни дупки, без разлика колку се тесни или широки, плитки или длабоки.
Актуелната афера, без сомнение, им дојде “како нарачана”. И се разбира дека ќе ја (зло)употребат. Затоа сум уверен дека единствен наш можен и успешен одговор е- да се оди до крај. Ама до крај! Или ќе расчистиме кој се’ е инволвиран, или ќе си одиме.
Секаде во светот, власта која е решителна и, што е најважно, искрена во намерата да се бори против корипцијата, е должна да овозможи и обезбеди услови за чесна истрага. Тоа значи истрага против секого, во функција на средување на правната држава. Таа битка е далеку од лесна и носи сериозни трауми, но затоа ќе бидеме држава каква што посакуваме.Впрочем, тоа го потврди и премиерот, со зборовите “Секој да одговара за своите постапки. Граѓаните заслужија правда!”
Што се однесува до опозицијата, состојбата е следна: во наведената геостратешка “Игра на тронови”, која (замислете) не се одвива само кај нас, големите и моќни сили редовно свој сојузник наоѓаат во опозицијата. Сосема логично, ќе додаде некој. Разликата е во тоа што во другите држави, таа е битен играч кој не дозволува сценариото да се одбива без нејзино учествување и одлучување. Кај нас, пак, опозицијата е само маргинален фактор, кој немо чека да и’ кажат по кои ноти да игра.
Каде се Брисел и Вашингтон? Тука се, на лице место, затоа што воопшто не се наивни. Знаат многу добро и за сценариото, и за домашните и странски сили, и за медиумите, и за парите кои се во игра. За се’, и тоа може само да не’ радува. Нас, не другите. Впрочем. сите понови членки, од прва до последна, ја поминаа оваа фаза кога влегуваа во нивното семејството. И успеаја.
Да завршаам како што почнав, со насловот.
Во музиката, крешендото се постигнува со постепено зголемување на јачината на звукот, односно на бројот на инструменти. Токму тоа се случува сега, пред “Октомври”. Оние што се против тоа нашата држава да биде дел од НАТО и ЕУ семејството, сега ќе ги зголемуваат и јачината на ударот, и бројот на вклучени инструменти. За нив, ова е финалниот момент!
А нам ни преостанува да бидеме мудри и истрајни, бидејќи влогот е огромен, па нарачаното крешендо да го претвориме во “Ода на радоста”, химната на Европа“, напиша Жерновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

