Македонија
(Видео) Жестоки кавги и обвинувања во Град Скопје, Арсовска впери прст и обвини: Кој ќе одговара за безобразните лаги?
Скопската градоначалничка Данела Арсовска е загрижена поради критиките упатени на сметка на Градот, кои ги нарече безобразни лаги. Таа ги праша некои од советниците кон кои го впери прстот: „Кој ќе одговара за штетата нанесена на Градот, за угледот кој е оштетен, за безобразните лаги што се изнесуваат во јавноста од некои од луѓето што сакаат само да наштетат, а сепак седат така мистериозно во овие клупи пред нас како советници?“
„Во повеќе наврати во јавност е напоменато дека состојбата во Градот е финансиски добро консолидирана, дека Градот добро функционира, дека јавните претпријатија се оставени во милионски долгови. Првпат во историјата затоа што, нели, нормално, нема поддршка од централната власт, опозицијата, која е позиција во Град Скопје, континуирано напаѓаат и гледаат да си најдат заеднички јазик. Да си имаат заеднички виновник не гледајќи ја сопствената одговорност. Е, сега, почитувани советници, сите што сте тука, никого не амнестирам, но ќе поставам неколку реторички прашања, кои ако некому му се нејасни, ќе ги одговорам. За состојбата во јавните претпријатија, речиси 500 лица имате од оваа коалиција на ВМРО-ДПМНЕ што биле избрани за претставници на управните и надзорните одбори, односно оние што раководат со структурите во овие јавни претпријатија, а кои ги имаат во секој момент финансиските состојби и извештаите на овие јавни претпријатија. Стотици илјадници евра пари на граѓаните се прибираат и им се даваат на овие луѓе, милиони евра се трошат секој месец за тие во овие управни и надзорни одбори да земаат паушали, за вие тука како лица што сте ги избрале директно да не знаете каква е состојбата во јавните претпријатија“, рече Арсовска.
Таа се правдаше дека со јавните претпријатија раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се членови на управни и надзорни одбори.
„Па вие раководите со јавните претпријатија, ваши луѓе се овие во јавните претпријатија, вашите луѓе гласаат во овие јавни претпријатија, вашите луѓе ги блокираат јавните претпријатија да не може да работат функционално, не ги гласаат одлуките што им се неопходни за да продолжат понатаму да ги консолидираат во делот на финансиите сакајќи да прикажете дека некој друг не е способен да води, а всушност вие сте тие што ги блокирате сите процеси“, додаде таа.
Ѝ пречат и тврдењата дека Град Скопје банкротира.
„Имаше едно небулозно излегување во јавност дека Градот е во банкрот. Почитувани наши, а овие другите блокирани општини во Македонија, ниедна од нив не е во банкрот, затоа што некој ги блокирал? Град Скопје нема блокирана сметка. Да не беше хакираниот напад во Министерствово за финансии, сè што ни е тековна обврска ќе ни беше исплатено. Меѓутоа, ние не зборуваме дека во Министерството за финансии не може трезорот да функционира веќе трета недела, ќе зборуваме за Градот дека бил банкротиран. Прво, тоа е економски неписмено. Основна терминологија. Второ, сеете страв и неизвесност кај секој што треба да работи и да соработува со овој наш Град, кој сакате да кажете дека многу го сакате, меѓутоа таа љубов не може никој од граѓаните да ја види затоа што ниедна од одлуките тука не ги гласате“, додаде таа.
Арсовска и советниците на седницата на Град Скопје влегоа во жесток конфликт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

