Македонија
Жителите на Трнодол најавуваат протести и тужба против градоначалникот
Жителите на Трнодол најавуваат протести ако Општина Карпош не го повлече детаљниот урбанистичкиот план, кој, како што велат, може да предизвика лизгање големи земјени маси поради градење во заштитно зеленило под брдото, кој го загрозува сообраќајот и кој отвора можност за градежна инвазија и градење населба која навлегува во заштитеното подрачје на Парк-шумата Водно.
Жителите на оваа скопска населба најавуваат тужби против Општината и градоначалникот Стефан Богоев. Тие велат дека Општината ја закажала јавната седница за утре во 15.30 часот и бараат, наместо тогаш, да се одржи по 17 часот кога би можеле да присуствуваат повеќе жители, со оглед на тоа што на повеќето работното време им е до 16 или 17 часот.
„Веќе е поднесена преставка пред уставниот суд за преиспитување на носењето на новиот регулациски план донесен во јуни 2018 година од страна на Град Скопје и каде што на чуден начин е поделена населбата и споена со т.н. шпанско село, а сè со цел да може да се издејствува помала густина на населението. На тој начин ќе може да се вцртуваат нови градби, без ограничувања и без да се запазат законските нормативи за сообраќај и живеење. Целата постапка е контровезна уште од самиот почеток кога среде лето беше распишана јавна презентација со непрофесионално изработениот предлог на ДУП-от, а сега пред Нова година, пред славата Свети Никола, се брза да се донесе ДУП кој може да предизвика лизгање големи земјени маси поради градење во заштитено зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави. Истовремено, се загрозува и сообраќајната безбедност на улиците Козле и Трнодол, како и отворање можност за градежна инвазија и градење населба која навлегува во заштитеното подрачје на Парк-шумата Водно, која ќе се протега над контровезното шпанско село и над населбите Трнодол, Жданец и Козле, а до која е планирано да се пристигнува преку планираната јужна обиколница и сервисниот пат, кои треба да поминуваат низ самата населба Трнодол по несоодветни и тесни улици“, велат жителите.
Кусо кажано, додаваат тие, се планира нова населба, која би била копија на онаа околу бившиот хотел „Панорама“, а која повеќе би личела на Дебар Маало отколку на Парк-шума како што засега се именува.
Според нив, спорен детаљ се и маркичките за градба, кои се директно позиционирани врз каналот што ги собира водите од планината, а планираните петкатници ќе го загрозат слободниот проток на води во случај на големи дождови и дополнително ќе го поткопаат брдото.
„Затоа, од градоначалникот се бара да биде совесен и разумен и да го повлече предолжениот ДУП и во согласност со позитивните законски прописи за безбедно станување да предложи до Советот на Општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје, како што се брдата под Трнодол и Жданец. За оваа опасност постои истражување од 2010 година нарачано од Општината и уште едно испитување реализирано од германската амбасада. Резултатите од тие испитување се дека населбата Трнодол лежи на потенцијално нестабилна почва. Затоа, задача на Општината е да го заштити брдото со пошумување, да го зацврсти со шипови, да го регулира течењето на водите во каналите и да го заштити од ерозија со ново пошумување бидејќи во овој потег има над 120 исушени дрвја, како и да да преиспитаат сомнителните потпорни ѕидови под брдото зад двете веќе изградени згради на улицата Козле“, велат жителите.
Спротивно од ветувањата пред минатите избори, велат тие, дека ќе се смени начинот на узурпирање на јавниот простор и заштита на Парк-шумата Водно, градоначалниците продолжуваат со неразумно служење на градежните профитери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

