Македонија
МВР: Жители на Синѓелиќ протестираа затоа што биле уапсени три лица поради непочитување на полицискиот час
Две лица од Синѓелиќ и едно од Арачиново, кои не го почитувале полицискиот час вчера, биле однесени на информативен разговор во полициска станица, а потоа и пуштени на слобода, потврдуваат од МВР.
Тие се товарат за кривично дело од член 206 од Кривичниот законик за што против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради непочитување на ограничувањето на движењето.
По приведувањето на трите лица, на улица во Синѓелиќ се собра толпа народ за која исто така ќе бидат поднесени соодветни ппријави, информираат од МВР.
„Од страна на полициски службеници од слобода биле лишени В. М. (19) од Арачиново, С. Р. (21) од с. Синѓелиќ и В. В. (30) од улицата Алија Авдовиќ. По лишувањето од слобода на лицата, на улицата Алија Авдовиќ поголема група граѓани излегле на истата улица во знак на протест. По изготвената соодветна документација, лицата се пуштени од полициската станица, а насобраната група граѓани се разотишла. Ќе бидат преземени соодветни мерки и против другите лица што не го почитуваа ограничувањето на движење“, велат од МВР.
Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, кој сам излегол меѓу револтираните граѓани за да ја смири состојбата, посочува дека меѓу толпата се ширела дезинформација дека трите лица што беа приведени биле физички нападнати од страна на полицијата.
„Точно е дека вечерва во населеното место Синѓелиќ дојде со нарушување на полицискиот час од поголема група граѓани. Јас како градоначалник самоиницијативно излегов на самото место кога дознав дека нешто се случува, што е и моја обврска, со една единствена цел – да ја смирам состојбата и сè да се врати во нормала, без никакви дополнителни инциденти. Особено сега кога земјава, а и целиот свет се соочува со справување со коронавирусот. За да не се шират дезинформации, ве известувам дека вечерва три лица од страна на полицијата се однесени на информативен разговор во ПС Гази Баба. Исто така, не е точно дека лицата биле физички нападнати од страна на полицијата поради што и се собрала групата. Како градоначалник излегов сам меѓу револтираните граѓани за смирување на состојбата. Тоа е моја должност и обврска. Кога се објаснивме, жителите се разотидоа во своите домови. Затоа, апелирам до сите да не се шират непроверени или половични информации, кои може да влијаат за нарушување на јавниот ред и мир или да внесат паника или бес кај граѓаните“, напиша Георгиевски по настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба
Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.
Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.
Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.
Македонија
Петрушевски: Ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница, на повидок нов раскол во СДС?
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ објави дека денеска ниту еден пратеник од СДСМ не присуствува на собраниската седница. Тој прашува дали на повидок е нов раскол во СДС?
„Денес, ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница. Дали е случајност или некому испраќаат порака? Особено што вчеравечер Филипче го објави новиот тим на СДС во кој речиси и да нема актуелен пратеник. Очигледно, незадоволството не може да се сокрие“, вели Петрушевски.
Според него, кога внатрепартиските калкулации им се поважни од институциите, резултатот ќе е уште подлабока криза во редовите на опозицијата.
Македонија
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.

