Македонија
Жители на работничките станови: Старата фабрика „Треска“ е темпирана еколошка бомба
Поттикнати од состанокот на Партиципативното тело за Треска, кое се одржа вчера, 07.04.2022 во општина Центар, на кое бевме присутни и ние претставниците на работничките станови на овој опфат, сакаме јавно да го изразиме нашиот револт во врска со долгогодишната опструкција на изградбата на комплексот.
Претставниците на Партиципативното тело, упорно 4 години го опструираат развојот на овој предел и револтирани сме што постојано една иста група поединци нема слух за нашата страна и нехуманите услови во кои со децении живееме.
Старата фабрика „Треска“ е темпирана еколошка бомба и веќе години наназад претставува огромен безбедносен ризик за нас жителите кои живееме во бараките на потегот „Рузвелтова“ и улицата „Владимир Полежановски“. Целиот простор со години е дувло за бездомници и наркомани, а нашите бараки се мета на разбојништва, кои и покрај интервенциите на полицијата, продолжуваат да се случуваат практично секој ден. Постојано живееме во страв, не само за нашата материјална безбедност, туку и за безбедноста за нашиот живот, бидејќи на овој простор често доаѓа и до пожари поради крадење и палење на електричните кабли.

Ги покануваме сите оние кои сакаат да ја спречат градбата на овој комплекс, како и медиумите, да дојдат и да се уверат во какви услови живееме и тоа во центарот на Скопје, особено сега во периодот на дождови кога целиот простор се поплавува, или во пресрет на летната сезона кога од маслата и машините се соочуваме со наезда од инсекти, црви од по 20 сантиметри и змии.
Треска е градот на духовите и претставува еколошка закана не само за нас жителите од оваа локација, туку и за целиот град Скопје. Јавно го прашуваме ова партиципативно тело, како и организацијата „Шанса за Центар“, зошто противуставно се обидуваат со години да го загрозат нашето право на достоен живот, прво со незаконски мораториуми, а сега и со нелогични барања за реализација на некои конкурсни решенија кои воопшто не се во наш интерес?

Го охрабруваме градоначалникот Герасимовски конечно да го усвои планот на сопствениците на приватните парцели кај „Треска“, кој за разлика од моменталната ужасна состојба, предвидува комплекс со ниски згради и многу зеленило и како таков, нема никакви причини зошто да не се реализира.
На крајот, опоменуваме и дека доколку дојде до какви било нови опструкции на предвидениот проект, остро ќе реагираме и ќе ги искористиме сите правни механизми за да го добиеме она што ни е загарантирано, а тоа е единствено правото на достоинствен живот.
Група жители на опфатот „Треска“, претставници на работничките станови
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

