Македонија
„Жители на Центар загрозени од приватна клиника во објект за домување“, вели партијата Левица
„Во станбената зграда на улицата Димче Мирчев бр. 20 се планира изградба на нова болница, но по цена на здравјето на станарите на зградата“, велат од Левицата.
„Во склоп на таа болница ќе се постават апарати со високојонизирачки зраци, како рендген-апарат и апарат за компјутерска томографија, кои со самото свое зрачење имаат негативен ефект врз здравјето на станарите на зградата.
Тие, според безбедносните протоколи, треба да бидат поставени најмалку 6 м под земјата заради заштита од зрачење, но тука, спротивно на здравствените протоколи и препораки, се планира да се постават на самото приземје, каде што, покрај тоа што би имало секојдневно зрачење, тежината на апаратите, која изнесува и по 7 тони, може сериозно да ја наруши статиката на самата зграда. Под приземјето во зградата има и подземна гаража, во која доколку се постават овие апарати, во опасност би биле луѓето што се движат таму, како и самите возила, но и целата статика на горните катови“, соопшти партијата Левица.
„Меѓу другото, се планира и исфрлање на медицинскиот материјал во рамките на дворот на зградата во посебни контејнери, што е неприфатливо и недозволиво во ниедна држава во светот.
Граѓаните на зградата остварија и средба со советникот Владимир Огненоски од советничката група на Левицата, а на 13.11.2023 поднесоа иницијатива и до Советот на Општина Центар со фактот дека повеќе од 90 % од станарите веќе собрале потписи против изградба на овој објект!
Левицата во Советот на Општина Центар на декемвриската седница ќе отвори опширна дебата по ова прашање и јасно ќе застане во одбрана на своите сограѓани“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈП Паркови и зеленило: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот
ЈП Паркови и зеленило преку писмено соопштение се огласи во врска со прашањето дали имаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„Таков договор со Владата нашето претпријатие нема склучено. ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, како и Парк шумите Водно, Гази баба, СРЦ Сарај и Матка.
Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општините, додека пак дворовите во сите институцции се обврска за одржување на самата институција (било да се работи за болница, поликлиника, државна агенција, министерство, па и Влада). Во сите овие институции има општи служби кои треба да се грижат за овие прашања, или треба да склучат договор со ЈП Паркови и зеленило за уредување или одржување на нивните дворови, по кој договор ние понатаму би постапувале. Во случајов таков договор со Владата претпријатието нема склучено“, се наведува во соопштението на ЈП Паркови и зеленило.
ЈП Паркови и зеленило испратија јавно достапен документ за тоа кој треба да го одржува дворот на Владата.
Македонија
Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети: разменети мислења за реформите во високото образование со цел достигнување на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
На средбата на којашто присуствуваа ректорката Биљана Ангелова, ректорот Јусуф Зејнели, ректорот Дејан Мираковски, проректорот Јове Талевски и проректорот Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.
Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.
Претседателката истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.
Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.
Македонија
Маричиќ: Европската интеграција на Северна Македонија е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа
Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес одржа средба со амбасадорот на Република Унгарија, Андраш Клајн, заменик-амбасадорката Кристина Тиханји и претставникот Золтан Марки.
На средбата унгарската делегација ги презентира приоритетите на унгарското претседателство со цел зајакнување на процесот на европските интеграции во претстојниот период. Унгарија претседава со Советот на Европа од 1 јули 2024 до крајот на годината.
Маричиќ со заложба дека европеизацијата на државата мора да продолжи со засилен тек ја истакна важноста од носење важни одлуки за понатамошно реализирање на стратешките цели на Северна Македонија и регионот.
Aмбасадорот Клајн се заблагодари за досегашниот успех и постигнатите резултати од процесот на евроинтеграција, скрининг-процесот, почнувањето на преговорите за државата и комплетната подготовка за реализација на европската агенда на државата.
„Европската интеграција е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа“, истакна Маричиќ.