Македонија
Жителите на Чучер-Сандево тргнаа во наплата на изборните ветувања: ја бараат ветената канализација од градоначалникот Зоран Бајовски
Со уредно платени комуналии за куќите жителите на четири улици, кои припаѓаат на Општина Чучер-Сандево, иако се многу поблиску до Бутел, бараат новиот градоначалник да го реализира предизборното ветување и да им изгради канализација. Претставници на улиците Бел камен и Бутелска 31, 33 и 35 побараа прием и го потсетија новоизбраниот градоначалник на општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски, дека нивниот децениски проблем треба да го стави на листата на приоритети, токму како што и ветуваше пред изборите.

Улицата Бел камен е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, се пожалија жителите
„Му оставивме неколку недели на новиот градоначалник да се приспособи на функцијата, но не можеме повеќе да молчиме. Со децении ниеден досегашен градоначалник не се амбицира да го реши проблемот со канализацијата, а сите ветуваа дека ќе го решат. Побаравме известување од градоначалникот во која фаза е изградбата на најавената канализација оти на терен нема никакви активности, побаравме да ја обнови улицата Бел камен, која е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, а бараме и жителите од овој дел од општината да гласаат во соодветната општина, не половина да гласаат во Бутел, половина во Чучер-Сандево, како што е сегашното решение“, вели претставник на жителите на четирите улици.

На делови од улицата Бел камен речиси и да нема траги од асфалт
Покрај тоа што усно му ги кажале барањата, жителите од четирите улици му ги доставиле на градоначалникот барањата и во писмена форма. Му оставиле рок од 15 дена во кој ќе чекаат одговор, а доколку не го добијат, ќе ги известат сите надлежни институции, а не ја исклучуваат и можноста за протести оти се решени да не дозволат да истече уште еден градоначалнички мандат без решение на проблемот.
Градоначалникот Бајовски вели дека веќе работи на изнаоѓање конкретни решенија на сите проблеми што му ги посочиле жителите и уверува дека ќе ги реши децениските проблеми, кои токму нему му паднало да ги решава оти претходниците не направиле разлика.

Градоначалникот Бајовски вели дека првин ќе го стокми буџетот, па потоа ќе почне со реализација на ветувањата
„Сите овие се проблеми што не се од сега, туку од децентрализацијата во 2005 година, но ќе ги решиме. За канализацијата на ‘Бел камен’ и на улиците Бутелска 31, 33 и 35 веќе се подготвуваме за нарачка на проект оти со сегашните проекти не се целосно опфатени. Дел ќе биде опфатен со проектот за Кучевишка Бара, друг дел, оние куќи што се под патот на ‘Бел камен’, заедно со повисоките делови од Бутелска 31, 33 и 35, треба да се стават во нов проект оти ги нема во ниеден досегашен. Мојата идеја е за нив да се направи посебен проект со вод што ќе оди покрај коритото на Серава за што ќе ни треба соработка со Општина Бутел, но сепак ќе има куќи што се пониски од нивото на планираните канализациски водови за кои жителите бараат пумпи, но последниот збор за тоа ќе го имаат проектантите. Ќе направиме сè што е изводливо“, вели градоначалникот Бајовски за „Макфакс“.
На општинарите им претстои подготовка на буџетот за 2026 година, во кој треба да бидат предвидени средства за канализацијата и за обнова на улицата, а конкретни чекори градоначалникот Бајовски најави веќе во јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

