Македонија
(Видео) Жугиќ: Заев и Шилегов не инвестираа ниту денар за подобрување на квалитетот на воздухот
ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа протест во Скопје, Струмица, Битола, Тетово и Куманово против, како што велат, неодговорната политика за најгорливото прашање – загадениот воздух. Тие апелираат, поради загадениот воздух, но и пандемијата на Ковид-19, да бидат ослободени од работа бремените жени и хронично болните и во државниот и во приватниот сектор.
Поради зголемениот број на заразени со Ковид-19 во земјава, од партијата одлучиле денешниот протест да го спроведат со намален број на присутни, почитувајќи ги законските мерки на присутност на протест. На протестот се обрати Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ, која порача дека на прагот на грејната сезона мерните станици за загаденост на воздухот мерат 5-6 пати зголемено количество на канцерогени ПМ-10 честички во воздухот во Скопје, така и во Битола, Тетово, Кичево и во други градови низ Македонија.
„Загадениот воздух убива кога власта е неспособна. Зоран Заев пред 4 години вети дека откако ќе дојде на власт веднаш ќе го подобри квалитетот на воздухот и ќе го намали загадувањето. Зоран Заев ветуваше дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух. 4 години потоа Зоран Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо конкретно за намалување на загадувањето.
Зоран Заев, човекот што на цел глас викаше, верувам се сеќавате „Ајро, Ајро, Ајро“ сега седи во премиерската фотелја во зградата зад нас, дели тендери на потесното семејство и воопшто не му е грижа за граѓаните кои се гушат во смог.
Воздухот никогаш не бил позагаден, а негрижата на власта за здравјето на сопствените граѓани никогаш не била поголема.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва остави тегли со чист воздух од врвот на Водно пред Влада, бидејќи воздухот што го дишеме е сè само не е чист. Чистиот воздух станува привилегија. Граѓаните се осудени да се гушат во смог поради неспособната власт и нема да нè изненади ако некоја следна бизнис-идеја за која ќе бидат потрошени народните пари биде токму чист воздух во тегла. Иронично, но за жал крајно, крајно трагично!
Дека нема напредок воопшто и подобрување на полето на квалитетот на воздухот нотира и ЕК(Европската комисија) во нејзиниот најнов извештај за Македонија, каде тие кажуваат дека власта нема направено ништо за намалување на загадениот воздух, ниту централната, ниту локалната, иако се и двете под една партија.
Ова почитувани граѓани е црвен картон и за Заев и за Шилегов.
И сега кога светот е погоден од најголемата пандемија на новиот век загадениот воздух е опасен катализатор за вирусот, бидејќи тој служи како трансмитер на истиот. Се соочуваме со проблеми од невидени размери. Токму затоа побаравме власта најитно да ги ослободи од работа хронично болните и бремените жени, кои се под особена опасност како од пандемијата која галопира, така и од енормно загадениот воздух.
Бараме наместо милијардите дадени за поткуп, тендери и други проневери да се обезбедат пари за намалување на загадувањето, и тоа веднаш. Здравјето на граѓаните нема цена“, порача Жугиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

