Македонија
Забраната за мирни собири и за протести пред Собранието е во спротивност со Уставот, реагира Хелсиншкиот комитет
Во Собранието на Република Северна Македонија во процедура на разгледување е ставен предлог-закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона. Предлог-законот е поднесен по скратена постапка, потсетуваат од Хелсиншкиот момитет за човекови права.
Законот, како што информираат, предвидува сериозни ограничувања во просторот околу законодавниот дом, вклучувајќи забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување инфраструктура.
„Образложението за овој закон е дека се носи од безбедносни причини.
Во предлог-законот се наведува дека се работи за безбедносен аспект, кој е од јавен интерес, па оттаму се поставува прашањето зошто толку се брза со донесувањето на овој закон и зошто Собранието не организира јавна расправа и поширока дебата.
Овој закон се носи по скратена постапка и притоа се упатува на тоа дека тој ќе влезе во сила истиот ден кога ќе биде усвоен. Нејасно е зошто Собранието инсистира законот да влезе во сила од моментот на неговото објавување ако се има предвид дека Уставниот суд, во неколку претходни случаи, има укинато закони токму поради отсуство на соодветно образложение при повикување на исклучокот на кој упатува Уставот за влегување во сила на закон со денот на неговото објавување“.
За Хелсиншкиот комитет, несфатливо е зошто во образложението за донесувањето на законот се наведува дека во безбедносната зона околу Собранието се забранува одржување јавни собири, протести или манифестации ако основната причина за носењето ваков закон е да се спречи градење објекти и поставување инфраструктура во непосредна близина на зградата на Собранието и непречено функционирање на пратениците и на службите на Собранието.
Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека обидот на Собранието да го ограничи правото на јавен собир, протест или манифестации пред и во близина на зградата на Собранието ќе има штетни последици за човековите права и слободи.
Потсетуваат дека Уставот на РСМ наведува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест, без претходно пријавување и без посебна дозвола.
Користењето на ова право, како што нагласуваат, може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.
„Дополнително, и Европскиот суд за човекови права не го толерира генералното ограничување на собири и протести и смета дека такво нешто би било оправдано само доколку постои реална опасност од тоа протестите да резултираат во нереди и само доколку тоа не може да биде спречено со употреба на помалку рестриктивни мерки“.
Оттаму, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара итно повлекување на ваквиот текст на предлог-законот и бараме претставниците на граѓаните во законодавниот дом при носењето на законите секогаш да внимаваат на непречено и загарантирано уживање на човековите права и слободи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

