Македонија
Забрането е групирање на повеќе од 4 лица по 21 часот, до тогаш ќе работат и угостителите
Скратување на работното време на угостителските објекти и забрана за групирање на повеќе од 4 лица по 21 часот се дел од мерките што ги донесе Владата денеска на седница.
Со новите мерки, угостителските објекти ќе работат до 21.00 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна. Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид.
На седницата донесена е и одлука за забрана за групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор после 21:00 часот.
Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21:00 часот да не се движат на јавен простор доколку немаат важни и неопходни потреби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Куќен притвор и 24-часовен надзор за Љупчо Пецов-Ѓаволот, доставил документи за влошена здравствена состојба
Во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка беше спроведен Љупчо Пецов-Ѓаволот, на кој од претходно, со решение на судот, му е определена мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода во предметот за јавноста познат како „Синџир“, соопшти судот.
„Со оглед што истиот доброволно се пријавил на органите на прогон и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која истиот има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот Јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24 часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“.
Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка, информираат од судот, го прифатил предлогот на ЈО и на обвинетиот му определил мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му биле и двете патни исправи.
„Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред Кривичниот совет“.
Македонија
НСДП прослави јубилеј: 20 години од основањето на партијата
Нова социјалдемократска партија (НСДП) на свечена седница на Централниот одбор, одржана во Скопје, во хотел „Хилтон“, го одбележа јубилејот 20 години од основањето на партијата.
Процесот на формирање на НСДП започна на 23 ноември 2005 година, со прес-конференција во хотел „Александар Палас“, на која за првпат беше најавено создавањето на нов политички субјект со јасна визија и чиста намера – Нова социјалдемократска партија.

На 30 ноември 2005 година, на конвенција во Универзалната сала, првиот претседател на партијата, Тито Петковски, официјално го најави влегувањето на НСДП на политичката сцена.
Основачкиот конгрес на НСДП се одржа на 17 декември 2005 година во Македонскиот народен театар, на кој беа усвоени Статутот и Политичката платформа и беа избрани првите органи на партијата.

„Во изминатите дваесет години, НСДП се изгради како стабилен и значаен политички чинител кој секогаш ги става државните приоритети на прво место. Борбата за слобода и демократија и рушењето на режимот на Никола Груевски се меѓу најголемите општествено-политички успеси во кои НСДП зеде активно и значајно учество, дејствувајќи принципиелно и одговорно во интерес на граѓаните“, велат од Партијата.
Членството на државата во НАТО, како и големите социјални реформи спроведени од владите во периодот 2017–2024г, претставуваат значајни успеси и јасна потврда за реализацијата на програмските определби на НСДП, водени од слоганот: „Силно и чесно! За пристоен живот.“

Денес, кога растот на платите стагнира, кога социјалниот дијалог не функционира, синдикатите се омаловажени, а нивниот глас не е слушнат од Владата и кога работниците не се вистински вреднувани, НСДП е тука да биде нивниот глас — за правда, за праведна распределба на трудот и капиталот и за доследна борба за унапредување на работничките права – истакна претседателот Мисовски во своето обраќање.

„Под водство на претседателот Горан Мисовски, НСДП останува доследна на своите темелни вредности: борбата за социјална правда и еднаквост, јакнење на демократските институции, заштита и унапредување на работничките права, почитување на трудот, грижа за маргинализираните и обесправените, родова еднаквост, како и европеизација на општеството и интеграција во евроатлантските структури.

НСДП и во наредниот период ќе продолжи да дејствува одговорно, принципиелно и во интерес на граѓаните, со јасна определба за праведно, солидарно и демократско општество“, се додава во соопштението на НСДП.

Македонија
„Вреди“: Кризата на доверба во правдата доведе до прекинување на функцијата на јавниот обвинител
Коалицијата „Вреди“ оценува дека прекинувањето на функцијата на јавниот обвинител означува крај на период што како што велат од таму, предизвика длабока загуба на јавната доверба во Јавното обвинителство.
„Довербата на граѓаните беше уништена од конкретни случаи што ги видоа со свои очи, како што е случајот со Иџет Мемети, каде што службеник за правосудство заврши со блага казна, додека обичните граѓани беа казнети за многу помали грешки.
Меѓународните проценки, исто така, сериозно ја погодија довербата во правдата, вклучително и вклучувањето на Артан Груби и Енвер Беџети на американската црна листа за сериозна корупција и поткопување на процесот на правосудство, додека институциите сè уште не дадоа јасен епилог за овие случаи“.
Коалицијата „Вреди“, како што нагласуваат, ќе инсистира процесот за избор на нов јавен обвинител да биде чист, транспарентен и ослободен од политички влијанија. Според нив, враќањето на довербата на граѓаните во правосудниот систем е обврска што не може повеќе да се одложува.

