Македонија
Забрани за движење за младите до 18 години и за постарите од 67 години, полицискиот час се скратува еден час

Владата денеска на седница донесе дополнителни ограничувања на движењето на граѓаните.
Како што соопшти премиерот Оливер Спасовски, забраната за движење за сите граѓани од 21 до 6 часот се заменува со ограничување на движењето од 21 до 5 часот поради метежот во јавниот превоз и потребата на граѓаните да стигнат на работните места во утринските часови.
Дополнително, Владата донесе одлука да се забрани движењето на граѓаните над 67 години од 11 до 5 часот следниот ден.
Владата на вечерешната седница донесе уште една одлука за ограничување на движењето на младите до 18 години и за нив забраната за движење ќе почнува во 21 часот и ќе трае до 12 часот наредниот ден.
Новите одлуки за ограничување на движењето ќе важат од 24 март 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наутро со услови за магла по котлините, преку денот променливо облачно

Времето денеска, наутро со услови за појава на магла по котлините. Преку денот променливо облачно, претежно во планините со услови за појава на слаб краткотраен дожд кој ќе преминува во слаб снег. Особено попладне ќе има сончеви периоди и ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје наутро со услови за магла, а преку денот променливо облачно со сончеви периоди особено попладне и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со услови за појава на утринска магла и ниска облачност. Врнежи од дожд ќе има во четврток, а пообилни врнежи ќе има за време на викендот. Од утре дневната температура во повеќето места ќе биде за 3 до 5 степени повисока.
Македонија
Тренчевска: Новото нормално на ДПМНЕ, да отфрлаат закони кои значат намалени трошоци за граѓаните

„Новото нормално на Христијан Мицкоски е дека ДПМНЕ и нивните приврзоци ЗНАМ и ВЛЕН застанаа против граѓаните и не ги прифатија законите за намалување на ДДВ на струјата и основните прехранбени производи,“ истакна пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Денес во Собранието на Република Северна Македонија, сведочевме на уште еден акт на отуѓеност и негрижа од страна на владејачкото мнозинство. Наместо да ја прифатат мерката која директно ќе им помогнеше на граѓаните, пратениците на ДПМНЕ и нивните коалициски партнери ги отфрлија предложените измени на Законот за ДДВ, со кои предвидовме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и целосно укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, вели таа.
„Ова беше можност да се стави крај на скапотијата и да им помогнеме на граѓаните да имаат пониски сметки за струја и поевтина храна. Но, за жал, ДПМНЕ уште еднаш покажа дека партиските калкулации им се поважни од животниот стандард на народот,“ потенцираше Тренчевска.
Во време на постојан пораст на цените на храната, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се борат со неизвесноста за секој нареден месец, владејачкото мнозинство одби, додаде таа да поддржи конкретни мерки што веднаш ќе значеа намалени трошоци за домаќинствата.
„Предложивме одржливи решенија – намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13% пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. На пример, за сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки заштедата ќе беше уште поголема,“ нагласи Тренчевска.
Истото, како што вели, важи и за основните прехранбени производи – намалувањето на ДДВ од 5% на 0% ќе значеше над 3.000 производи поевтини, вклучувајќи леб, брашно, млеко, јајца, масло, шеќер и сите други неопходни намирници што секојдневно ги купуваат граѓаните.
„Но, наместо да ги поддржат овие мерки, сведочиме на политички калкулации и отфрлање на предлози кои можат да направат реална разлика во животите на граѓаните. Ова е уште еден доказ за тоа колку е оддалечена оваа власт од реалноста,“ заклучи Тренчевска.
СДСМ, како што најави, ќе продолжи да се бори за мерки кои вистински ќе им помогнат на граѓаните и ќе го заштитат нивниот стандард.
Македонија
Гаши-Капетановиќ: укажано на потребата од подобрување на меѓусоседските односи во регионот, во време на геополитичките промени во светот

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во неговиот кабинет го прими Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Во оваа пригода, претседателот Гаши му упати честитки на Капетановиќ за неговото назначување за генерален секретар на Советот за регионална соработка во време на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Претседателот укажа на потребата од интензивирање и продлабочување на регионалната соработка како и подобрување на меѓусоседските односи во Регионот, особено во време на геополитичките промени во светот, со цел зачувување на мирот и стабилноста во Регионот.
Тој потенцираше дека Република Северна Македонија посветува големо внимание на регионалната соработка, како клучна компонента за евроинтеграцијата на Регионот и во континуитет активно учествува во работата на регионалните организации и иницијативи.
Капетановиќ укажа дека Советот за регионална соработка има оперативна улога во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претставува вредна политичка платформа која придонесува за стабилизација на Регионот, но и за економски развој и социјален напредок на сите земји од Југоисточна Европа. Таа соработка се фокусира на работите кои го обединуваат Регионот врз основа на принципот на инклузивност. Соработката е заснована на реалните потреби на сите граѓани во регионот и има тенденција на поголемо вмрежување меѓу граѓаните, компаниите и институциите во регионот преку регионални иницијативи.
На крајот соговорниците ја поддржаа парламентарната димензија во сите процеси на регионално здружување, со можност во иднина Република Северна Македонија да биде домаќин на повеќе тематски конференции, како што се: дигитална трансформација, парламентарна дипломатија, како и соработка за формирање на регионален центар за брза интервенција.