Македонија
Забрани за камиони на неколку патни правци, сообраќајот се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на нашите дежурни екипи, информира АМСМ.
Забрани за тешки товарни возила од превентивни причини има на следниве патни правци, крак Маврово-Дебар, и Струмица – Берово.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Креиран е лажен профил на Венко Филипче на „Фејсбук“, граѓаните да не наседнуваат
Ве известуваме дека е креиран лажен профил на Фејсбук со злоупотреба на името, податоци и фотографии на претседателот на СДСМ, д.р Венко Филипче. Од истиот лажен профил се шират несоодветни и лажни содржини, повици за членски книшки, повици за измислено здравствено осигурување а граѓаните се насочуваат на приватни пораки, велат од СДСМ.
„Ги повикуваме граѓаните и членовите да не наседнуваат и да не споделуваат никакви лични податоци кои можат да им бидат злоупотребени од страна на измамниците кои го креирале“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Разликата помеѓу официјалниот профил на претседателот на СДСМ и лажниот може да се препознае најлесно преку синиот беџ за ферификација којшто постои само на официјалниот профил на д-р Венко Филипче. Лажниот профил е веќе пријавен и очекуваме брза реакција за негово бришење“.
Македонија
(Видео) Мицкоски: За делницата Градско – Дреново ги поздравуваме работниците, тие го направија ова да изгледа импозантно
„Експресен пат за Прилеп, делница Градско-Дреново. Инвестиција вредна 37.500.000 евра. Три клучки, четири вијадукти, четири надвозници, три подвозници. Ги поздравуваме и им се заблагодаруваме на работниците затоа што тие го направија ова да изгледа импозантно. Заедно да продолжиме да ја градиме Македонија!“ напиша на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.
Експресниот пат Градско – Дреново во должина од 15,5 километри вчера беше пуштен во употреба.
Делницата почнува кај клучката Градско, а завршува кај клучката Дреново. Проектот е проценет на вкупна вредност од 37 милиони евра, од кои над 70 отсто се финансирани од фондовите на Европската Унија.
Македонија
Ги повикуваме на разговор доколку вистински се грижат за платите на вработените, во спротивно УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, велат од Владата
Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од Владата за протестите на дел од јавната администрација и за барањето поголеми примања.
„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое учествуваат и на кое секогаш сме дискутирале за сите предизвици, избра да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност“, наведуваат од Владата.
Од таму посочуваат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор сѐ со цел вистинско изнаоѓање решенија. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, кои не мислат ништо друго, освен собирање ситни политички поени на грбот на граѓаните“, соопштија од Владата.
Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување на колективниот договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денес, пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата ѝ порача да не го меша УПОЗ со некој друг синдикат.