Македонија
Завеани и неисчистени патишта, сообраќајот во колапс
Снегот повторно ги затекна надлежните и предизвика револт и незадоволство кај возачите кои изутринава возеа по завеани и неисчистени патишта. Дел од патните правци од синоќа беа забранети за сообраќај за камиони и автобуси, но отежнато е движењето и на автомобили, особено од Тетово кон Попова Шапка, каде наврна еден метар снег.
Скопскиот аеродром синоќа беше затворен за сообраќај, откако воздухоплов на компанијата „Германија“ тип Ербас 321 со околу 200 патници, пред полетување за Цирих заглавил во нанос од снег. Авионот беше одглавен со помош на возила за push back од ТАВ, но и изутринава приодот до аеродромот е отежнат, а паркингот е нерасчистен од наносите со снег.

,,Добро утро Македонија Чат Пат! Вам гледам ви е утро, нас мрак пред очи ни паѓа од вас. Еве вака изгледа автопатот Тетово- Гостивар, утрово во 8 часот и патот накај познатиот скијачки македонски центар – Маврово. Не дај Боже некој да мора да тргне на пат, или уште повеќе, не дај Боже некој да посака на сред зима (кога ќе има снег во Маврово), да се рекреира (ма ајде тоа луксуз, дома нека седат). Гадно ќе нафрка. Срам сте за државата, години наназад”, коментираат револтираните граѓани на Фејсбук.

Исто така Општина Сопиште е отсечена од Скопје по обилните врнежи на снег, поради кој жителите не можат да се движат кон градот. Автобусите не одат кон Сопиште, Св. Петка, Добри Дол и Соње заради тоа што не е исчистен патот од Припор кон овие места.
Ветерот,пак, прави проблеми на екипите на ЈП „Македонија пат“ на патот Велес-Штип во овчеполскиот регион. Кај селата Сарамзалино и Павлешинци поради силниот ветер на коловозите се прават и наноси од снег, но екипите се постојано на терен и ги расчистуваат, за да се одвива сообраќајот во зимски услови.

Од 6.40 часот на патниот правец Велес-Катланово е укината забраната за движење на тешки моторни возила, информира АМСМ.Во 7.10 часот укината е и забраната за камиони на планински превој Ѓавато и Буково.

Забрани за тешки товарни возила синоќа имаше на следниве патни правци крак Маврово-Дебар, Дебар-Струга, Кичево-Охрид преку планинскиот премин Пресека, крак Стража-Кичево а за осатанатите возила задолжително употреба на зимска опрема,Македонски Брод-Прилеп преку планискиот премин Барбарас, Ресен-Битола преку планискиот премин Ѓавато, Прилеп-Градско преку планнискиот премин Плетвар, Велес-Катланово, Крива Паланка-Деве Баир и Тетово-Попова Шапка каде има забрана и за автобуси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода: Собирање на кабаст отпад, нова, постојана услуга за граѓаните
Општина Кисела Вода, преку Јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022-Скопје“, започнува со самостојно и континуирано собирање на пријавен кабаст отпад на целата територија на општината.
До сега, според општината, оваа услуга се реализираше неколку пати годишно, во соработка со службите на Град Скопје, но од сега услугата ќе биде достапна континуирано, секогаш кога граѓаните ќе имаат потреба. „Пријавувањето за подигнување на кабаст отпад се врши на телефонскиот број:
070/288-897, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Цената на услугата е 1500,00 денари.
По извршена пријава, екипите на ЈКП ќе го подигнуваат отпадот во рок од 24 часа. Потребно е да биде оставен пред куќата или зградата.
Собраните количини се транспортираат и соодветно се депонираат во ЈП „Дрисла“, согласно важечките еколошки стандарди.
Кабаст отпад кој може да се пријави: стар мебел, врати, прозорци, душеци, друг кабаст домашен отпад.
Отпад кој не се прифаќа: градежен шут, електронски отпад, гуми, опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
Правилното депонирање на отпадот е законска обврска“. Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да придонесат кон одржување на чиста и уредна околина.
Македонија
Владата на Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски не сака да ја зголеми минималната плата на 600 евра и директно ги остави работниците сами во борбата за гол опстанок, велат од СДСМ.
„По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници живеат сè потешко, додека вредноста на синдикалната кошница порасна на 66.000 денари. Животот поскапува, а платите стагнираат, тоа е суровата реалност на македонските работници.
Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите ранотници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа беа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор.
Фактите се поразителни: околу 200.000 работници земаат плата под 30.000 денари. Тоа значи продлабочување на сиромаштијата, губење на достоинството на трудот и забрзано иселување на младите и квалификуваните луѓе“.
Минималната плата, нагласуваат од опозициската партија, мора да важи за сите – во јавниот и во приватниот сектор, во фабриките, конфекциите и малите компании. Селективни решенија и козметички договори не го решаваат проблемот.
„Решението на СДСМ е јасно, реално и изводливо. Минималната плата веднаш се зголемува за 50%, односно за 12.000 денари, и достигнува 600 евра. Тоа е мерка што директно го подобрува животот на работниците – сега, а не некаде во иднина.
Со ребаланс на Буџетот и со кратење на луксузот на власта – службени возила, мебел, патувања, кабинети, може да се обезбедат околу 200 милиони евра. Тие средства се доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
Но владата на Мицкоски ги извиси работниците и си го избра сопствениот луксуз“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, слаби врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на Попова Шапка.
Сите патни правци во државата се проодни, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

