Македонија
Заврши Балканската школа за педијатри која за прв пат беше организирана во Скопје
Преку седумдесет еминентни професор и лекари од Македонија, но и од Австрија, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Австралија, Црна Гора и Турција, беа дел од тридневната Балканска школа за педијатри која беше во организација на Здружението на педијатрите во Македонија.

Балканската школа се одржа во Скопје, во хотелот Александар Палас, а траеше од 12 до 15 септември. Покрај стручните предавања имаше и саем на кој излагачи беа фармацевтски компании. Покрај лекарите – педијатри, стручни предавања имаа и медицинските сестри, како и професионалните физиотерапевти.

На свеченото отворање, кое се одржа на 12 Септември, свое обраќање имаа: министерот за здравство, Венко Филипче, Проф.Др. Валтер Клепетко, директорот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс, претседателот на Здружението на лекари Албанци, Невзат Елези, претседателката на Лекарската комора на Македонија,Др. Калина Старделова Гривчева, претседателот на Македонското лекарско друштво, Доц. Др.Горан Димитров, координаторката на Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари, Гордана Бешлиовска, како и претседателката на Здружението на педијатрите во Македонија, Доц. Др. Аспазија Софијанова. На свеченото отворање поддршка на првата Балканскашкола за педијатри дадоа и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев заедно со неговата сопруга, Зорица Заева, како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Школата имаше за цел да поттикне размена на знаења и искуства помеѓу стручниот кадар од Македонија и Европа во областа на педијатријата, за подобрување на секојдневните практики, начин на третирање и протоколи.
Учеството на Балканската школа даде единствена можност лекарите и помошниот медицински персонал одблиску да се запознаат со меѓусебните практики, пречки, но и стимули во секојдневната работа што ќе овозможи надминување на проблемите и создавање на синхронизиран процес на работа.
Свои стручни излагања на оваа школа имаа македонски и странски предавачи коипрезентираа новини во превенцијата, дијагностиката, третирањето и заздравувањето, односно целосниот процес на лечење и закрепнување на пациентите опфаќајќи превентивна педијатрија со имунизација, кардиологија, пулмологија со алергологија, неврологија, гастроентерохепатологија, хематоонкологија како и интензивна нега и реанимација.
На огромна чест на сите учесници свое предавање имаше и познатиот универзитетски професор од Виена, Проф.Др. Валтер Клепетко кој во Светот е познат како хирургот кој му даде втор живот на легендата на Формула 1, Ники Лауда, а пак во Македонија е познат како човекот кој пред две години направи успешна трансплантација на бели дробови кај пациентка заболена од цистична фиброза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

