Македонија
Заврши Генералното собрание на Асоцијацијата на уставните судови на франкофонијата во Букурешт: донесени повеќе одлуки

Со одржувањето на работилница на темата „Уставна контрола на уставните измени“ завршија работните сесии од 10. конгрес на Асоцијацијата на уставните судови на франкофонијата во Букурешт по што се одржа Генералното собрание на ACCF.
На Генералното собрание новото претседателство на Уставниот суд на Романија ја презентира програмата за следните три години (2025 – 2028).
Темата „Уставна демократија“ ќе биде во фокусот на новото раководство. Избрано е новото биро на ACCF, усвоени се измени на Статутот и на внатрешните правила на Асоцијацијата и усвоен е Етичкиот кодекс за уставните судии.
Со мнозинство гласови од присутните претставници Генералното собрание ја усвои апликацијата на Уставниот суд на Косово за зачленување во Асоцијацијата на франкофонските уставни судови.
Делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија, кој е член на ACCF, беше предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски.
Тој како еден од говорниците на работните сесии своето обраќање го посвети на темата „Жив конституционализам“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Средба Мисајловски – лорд Коукер: Не поврзуваат заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса

Денешната работна посета на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Обединетото Кралство беше заокружена со средбата со лорд Вернон Коукер, државен министер (министер за домот на лордовите) во Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.
Министерот Мисајловски и лордот Коукер разменија мислења за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот, Европа и светот при што беше потврдено дека одбранбените односи помеѓу двете земји почиваат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област.
Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер –одбраната, воената едукација и јазичните курсеви.
Македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери.
Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање.