Македонија
Заврши истрагата за „Рекет“, утре тоа ќе ѝ биде соопштено и на Јанева
По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција што постапува во предметот познат во јавноста како „Рекет“, ја заврши истражната постапка за осомничените лица.
Како што соопшти Обвинителството, од денес тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.
„Воедно, Обвинителството укажува дека давањето исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законскиот утврдениот рок кога се врши увид во доказите.Во текот на утрешниот ден е повикано третоосомниченото лице, кое воедно ќе биде информирано и за завршување на истражната постапка”, се додава во соопштението.
Денеска Бојан Јовановски, познат како Боки 13, одбил да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска бидејќи не му биле презентирани доказите прибавени од Обвинителството.
Боки 13 беше приведен на 15 јули годинава на граничниот премин Богородица при обид за бегство поради сомненине за изнудување пари од бизнисменот Орце Камчев. Од страна на судот му беше одреден триесетдневен притвор, кој потоа му беше продолжен. Според истрагата што ја води Русковска, Боки 13 заедно со Зоки Кичеец во два наврати зеле 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра со ветување дека преку ексшефицата на Катица Јанева ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.
Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството беа повикани бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика, и бизнисменот Зоран Азманов.Минатиот месец на распит кај Русковска беше и второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец.
Утре на распит ќе биде донесена ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, која исто така се наоѓа во притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

