Македонија
Заврши COP29, централен фокус финансирањето за климата
Во Баку, Азербејџан, во периодот од 11 до 22 ноември се одржа 29. состанок на страните на Рамковната конвенција на ООН за климатски промени, 19. состанок на страните на Протоколот од Кјото и 6. состанок на страните на Договорот од Париз, заедно со 61. состанок на помошните советодавни тела за наука и техника и за спроведување.
На конференцијата Република Северна Македонија беше претставена на највисоко ниво, со делегација предводена од претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во чиј состав учествуваше првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Конференцијата на ОН за климатски промени (COP29) заврши со нова финансиска цел да им помогне на земјите да ги заштитат своите луѓе и економии од климатските катастрофи и да ги споделат огромните придобивки од внесувањето на чистата енергија, извести Министерството за животна средина.
Со централен фокус на финансирањето за климата, COP29 обедини речиси 200 земји во Баку, Азербејџан, и постигна договор што ќе овозможи:
· тројно финансирање на земјите во развој, од претходната цел од 100 милијарди американски долари годишно до 300 милијарди долари годишно до 2035 година;
· сигурни напори на сите актери да работат заедно за зголемување на финансиите во земјите во развој, од јавни и приватни извори до износ од 1,3 трилион американски долари годишно до 2035 година.
Формално позната како Нова колективна квантифицирана цел за климатски финансии (NCQG), беше договорена по две недели интензивни преговори и неколку години подготвителна работа во процес што бара сите нации едногласно да се согласат за секој збор од договорот.
Оваа нова финансиска цел е осигурителна полиса за човештвото во услови на влошување на климатските влијанија што ја погодуваат секоја земја“, рече Сајмон Стил, извршен секретар на ОН за климатски промени, додавајќи дека навреме мора да се држат ветувањата за да се заштитат милијарди животи. Тоа ќе го одржи растечкиот бум на чистата енергија помагајќи им на сите земји да ги споделат нејзините огромни придобивки: повеќе работни места, посилен раст, поевтина и почиста енергија за сите. Меѓународната агенција за енергија очекува глобалните инвестиции за чиста енергија да надминат 2 трилиона американски долари првпат во 2024 година.
Новата финансиска цел на COP29 се надоврзува на претходно постигнатите чекори на глобалната климатска акција на COP27, која договори историски фонд за загуби и штети, и COP28, која донесе глобален договор за транзиција од сите фосилни горива во енергетските системи бргу и правично, тројно обновливи извори на енергија и зајакнување на отпорноста на климата.
COP29 исто така постигна договор за пазарите на јаглерод – што неколку претходни конференции на COP не беа во можност да го постигнат. Овие договори ќе им помогнат на земјите да ги испорачаат своите климатски планови побргу и поевтино и да постигнат побрз напредок во преполовувањето на глобалните емисии оваа деценија, како што бара науката, соопшти Министерството за животна средина.
Постигнати се и важни договори за транспарентно известување за климата и адаптација.
Република Северна Македонија се придружи кон следниве декларации:
• COP29-заложба за глобално складирање енергија и мрежи (COP29 Global Energy Storage and Grids Pledge);
• COP29-заложба за зелени енергетски зони и коридори (COP29 Green Energy Zones and Corridors Pledge);
• COP29-декларација за засилена акција во туризмот (COP29 Declaration on Enhanced Action in Tourism);
• COP29-декларација за вода за климатски активности (COP29 Declaration on Water for Climate Action).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

