Македонија
Загадениот воздух предизвикува над 30.000 предвремени смртни случаи во Западен Балкан
Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува голем број предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје. Затоа е неопходно итно да се подобри квалитетот на воздухот и јавното здравје, преку надградба на здравствените системи, предупреди Европскиот фонд за Балканот, при овомесечната имплементација на третата фаза од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ со партнерите од регионот.
Целта на оваа етапа од кампањата, како што се наведува, е да се информираат граѓаните за последиците од загадувањето врз стапката на смртност и здравјето во Западен Балкан и да се поканат да се вклучат во борбата за подобрување на квалитетот на воздухот и продолжување на нашите животи.
![]()
Според последните податоци на Европската агенција за животна средина, лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, а Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.
Студиите покажуваат дека само електраните на јаглен во Западен Балкан предизвикуваат економска штета која се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита.
Барањата на кампањата „Балкан обединети за чист воздух“ се следни:
Да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во сите процеси на планирање.
Зголемување на буџетските средства за контрола на загадувањето и воспоставување системи за следење на загадувањето и неговите здравствени ефекти
Треба да се изградат мултисекторски партнерства на локално, национално и регионално ниво за да се подобри контролата на загадувачите и да се подобри квалитетот на воздухот.
Спречувањето на незаразните болести кои произлегуваат од лошиот квалитет на воздухот мора да биде интегрирано меѓу приоритетите на политиката за животна средина и здравје.
За да го продолжите животот, придружете се на борбата на граѓаните на Западен Балкан во солидарност и станете дел од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.
Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ беше иницирана од Европскиот фонд за Балканот во партнерство со следните организации: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, AirCare/МојВоздух од Скопје, ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште Белград од Белград. Се одржува втора година по ред, со цел да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од загадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот и борбата за поздрава животна средина.
„Обединет Балкан за чист воздух“ ја нагласува неопходноста од регионална соработка за трансформација на енергетската индустрија и системот за заштита на животната средина, со што би се подобрила и економијата и јавното здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

