Македонија
Загинатите во Чаир се браќа, повредениот им е роднина, соопшти Обвинителството

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи извршија увид на лице место во општина Чаир каде напладне две лица починаа при вршење ископ.
Несреќата се случила откако бил направен ископ на потегот од станбена зграда до улицата Ресенска со цел поставување на одводна канализација.
„Четири лица, татко, двајца синови и близок роднина, копајќи во близина на паркинг, ги поместиле плочките бекатон и ископале дупка за поставување на цевките. Во моментот кога во ископот се симнале три лица, се урнала дел од земјата која била околу ископот, при тоа затрупувајќи целосно две лица. Од настанатите повреди браќата, на возраст од 26 и 28 години починале на лице место. Третото лице, нивен роднина кој бил со нив во ровот бил делумно затрупан и се здобил со телесни повреди“, велат од Обвинителството.
Во насока на расчистување на настанот и утврдување на причините за несреќата и смртта на двајцата браќа, јавниот обвинител издал наредба за прибирање на податоци во врска со постоењето на градежна дозвола за вршење ископ, во однос на инвеститорот , како и изведувачот на работите. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите. На лице место биле повикани и службени лица од Државниот инспекторат за труд.
Дејствијата кои се преземаат од Основното јавно обвинителство Скопје ќе продолжат во континуитет се до целосно расчистување на кривично правниот настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев: 11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност

„11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност, да ја унапредуваме татковината со обединети сили, знаење и заедништво. Само така ќе обезбедиме стабилна и просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат“, порачува министерот за за јавна администрација Горан Минчев во честитката упатена по повод 11 Октомври.
– На овој ден се сеќаваме на храбрите мажи и жени кои, пред повеќе од осум децении, храбро се спротивставија на тиранијата и ги поставија темелите на борбата за слободна и праведна Македонија. Нивната жртва и визија за подобро утре се наша водилка денес, да продолжиме да градиме општество засновано на демократија, еднаквост и солидарност, вели Минчев во честитката.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври: Да ја сочуваме визијата и храброста на оние што тргнаа во востанички марш

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи дека овој датум претставува темел на македонската државност и потсетник на храброста, жртвата и единството на нашиот народ.
„Со срдечни честитки го одбележуваме денешниов голем празник, кога им оддаваме почит на сите кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани,“ порача Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека востаниците „со крв ја остварија визијата на своите претци за слободна и независна држава“, додавајќи дека нивната борба покажала дека „земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор“.
„Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК,“ нагласи претседателката.
Сиљановска Давкова потсети дека токму обединетоста и сплотеноста биле клучот за победа над неправдата и насилството: „Во драматичните денови на Втората светска војна покажавме дека без оглед на социјалната, етничката, верската или идеолошката припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, 11 Октомври не е само потсетување на славната епопеја, туку повик за нејзино продолжување – со дијалог во мир.“
Во својата порака, претседателката се осврна и на современите предизвици со кои се соочува државата:
„Живееме во тегобно време на војни и закани, оптоварени со проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.“
„Повторно мора да бидеме обединети и сплотени ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија и спремни за жртвување во ослободителната мисија,“ порача Сиљановска Давкова.
„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ – стои во честитката на претседателката на државата.
Македонија
Денес се одбележува Денот на народното востание

Во земјава денеска се одбележуваат 84 години од почетокот на народното востание кое почна во 1941 година во Прилеп и Куманово. Со ова започна востанието против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ.
Празникот годинава ќе биде одбележан со свечена академија во Прилеп и доделување на истоимената награда во Скопје.
Свечената академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на неа, според најавата од владината прес-служба, ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе им биде врачена на актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и на продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието годинава наградата ќе му биде врачена на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер и на академик Глигор Јовановски, хемичар.