Македонија
Заев: Ако нема одлука за датум, Владата може да падне

Понатамошно одлагање за добивање датум за преговори со Европската Унија би можело да доведе до пад на Владата, рекол премирот Зоран Заев во Виена, пренесува „Танјуг“. Тој истакнал дека Северна Македонија нема алтернатива.
„Алтернатива нема. Ако ЕУ не донесе одлука за почеток на пристапни преговори, ние нема да се откажеме од нашиот европски пат. ЕУ е нашата иднина“, рекол Заев.
Додал дека веројатно, поради одложување на одлуката, Владата би можела да падне, но дека на нејзино место ќе дојде друга што ќе го продолжи европскиот пат.
„Поради ЕУ, го сменивме името, направивме договори со Грција и со Бугарија и ги унапредивме односите со другите соседи. Верувам дека ЕУ нè мотивира да продолжиме со работа и да постигнеме уште поголем успех“, рекол Заев.
Тој изразил надеж дека Северна Македонија ќе добие зелено светло на претстојниот состанок на лидерите на земјите членки на Унијата иако министрите за надворешни работи не донесоа одлука за датум на вчерашниот состанок во Луксембург.
Ова не е првпат Заев да ја спомнува можноста за пад на владата доколку земјата не добие датум за почеток на преговори. Тој и пред четири месеци рече дека ако не добиеме датум, Владата најверојатно ќе ја изгуби довербата на мнозинството во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини Табановце и Богородица се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица 20-30 минути, на Табановце 20-30 минути на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јуни 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Јули 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.07.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.07.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.