Македонија
Заев бара оставка од Чулев
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, побара оставка од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, поради снимањето видео со полициски службеници среде пандемија и поради вчерашниот собир во Струга. Заев ги обвини Чулев и ВМРО-ДПМНЕ дека преземаат опасни чекори во здравствената криза.
„Дали Наќе Чулев се консултираше со Мицкоски пред да одлучи да го загрозува здравјето на граѓаните? Дали Мицкоски го натера Чулев да организира настан среде пандемија без мерки на заштита? Дали Мицкоски му кажа на Чулев да не постапува при масовен собир во Струга?
Дали Мицкоски му одобри на Чулев напад врз новинар? Дали Мицкоски му одобри на Чулев фрлањe чадна бомба во публика? Тоа што структури на полицијата предводени од Чулев не реагираа и дозволија да се случaт овие инциденти покрева највисок степен на одговорност кај него и мора да заврши со негова итна оставка“, напиша Заев на „Фејсбук“.
Со ваквите постапки, додава тој, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ повторно нѐ потсетуваат дека кај нив нема грам срам ниту одговорност.
„Мицкоски, Чулев и ВМРО-ДПМНЕ преземаат опасни чекори во здравствената криза. Тие повторно тргнуваат од нивната вечна партиска позиција: колку е полошо за граѓаните, толку е подобро за опозицијата! Нема ниту еден разумен и добронамерен човек кој би можел ова да го оправда. Затоа, на вакво скандалозно однесување и при вакви катастрофални постапки против граѓаните, има само еден логичен чекор којшто Чулев треба итно да го преземе – Оставка!“, напиша Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Гази баба ќе доделува по 8.000 денари за секое новороденче
Од 1 јануари секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Во 2022 година, по моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба, за прв пат ја воведовме мерката за финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче. Тоа беше почеток на една политика која ја става грижата за семејството и децата во самиот фокус. Во изборната кампања за последните локални избори ветив дека оваа поддршка ќе ја зголемиме на 6.000 денари, затоа што верував дека секое семејство заслужува повеќе. Но, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеавме да направиме уште еден чекор напред и ја зголемивме помошта на 8.000 денари“, објави Стефковски.
Тој додава дека со ваквите мерки директно се придонесува за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот.
Македонија
Ревносно се кријат постапки за бетонизации, на советниците не им се овозможува законски гарантираниот пристап до е-урбанизам, велат од Левица
Во повеќе општини во државата, советниците на Левица систематски се оневозможуваат да имаат пристап до системот е-урбанизам – клучната платформа преку која се водат постапките за изработка, изменување и носење на урбанистички планови, велат од Левица.
Ова, според нив, е свесна и организирана практика со, како што наведуваат, јасна политичка и материјална позадина, да се елиминира контролата и да се сокрие урбанистичкото планирање од оние кои имаат законски мандат да го надгледуваат и одлучуваат.
„Со ваквото постапување, општинските раководства директно ја узурпираат улогата на Советот и ја суспендираат неговата надзорна функција. Урбанизмот како висококоруптивна и најпрофитабилната сфера на локалната власт, се турка во нетранспарентни канали, далеку од очите на советниците, а уште повеќе од очите на граѓаните. Кога на избрани претставници им се ускратува увид во плановите, тоа значи дека се крие каде, што и во чиј интерес ќе се бетонизира, што ќе се пренамени, и кои јавни површини ќе станат приватни парцели.
Ова претставува класичен пример на институционализирана тајност во служба на инвеститорскиот урбанизам. Наместо отворен процес, јавни расправи и аргументирано планирање, се креира паралелен систем во кој одлуките се носат зад затворени врати, а Советот се сведува на гласачка машина без информации. Тоа е директен удар врз демократскиот поредок на локално ниво и грубо кршење на принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста“.
За Левица, ваквото, како што додаваат, оневозможување на пристап е директно кршење на законските одредби.
„Пристапот до е-урбанизам за органите на донесувачот и учесниците во постапката не е привилегија, туку законски утврдено право и обврска, токму за да се обезбеди контрола, транспарентност и целосна информираност при носењето на одлуки што трајно го менуваат просторот. Со блокирање на тој пристап, се оневозможува вршењето на советничката функција, се суспендира демократската процедура и се газат начелата на урбанистичкото планирање“.
Левица го повикува Министерството за локална самоуправа и министерот Златко Перински конечно, како што велат, да престанат да бидат неми набљудувачи и институционален декор.
„Ова министерство, кое по дефиниција треба да биде гарант на законитоста и функционирањето на локалната самоуправа, во пракса е целосно невидливо кога се газат правата на советниците и кога се дерогира демократската контрола“.
Бараат итна реакција, вонреден инспекциски надзор и санкционирање на сите општински раководства што свесно ја блокираат транспарентноста“.
Секое понатамошно молчење од страна на министерот Перински ќе значи отворено соучесништво во прикривање на урбанистички криминал, во заштита на градежни интереси и во разорување на законскиот поредок на локално ниво. Министерството или ќе почне да ја врши својата функција, или јасно ќе покаже дека служи како параван за бетонизацијата, а не како чувар на јавниот интерес“.
Македонија
Герасимовски: Стипендиите во основните училишта во Центар зголемени за 1.000 и 1.500 денари
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците кои доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“, истакна Герасимовски.
Во рамки на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“.
Герасимовски, исто така, најави дека од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици кои посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Општина Центар за оваа година предвиде средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамки на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
„Со овие мерки Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањата во образованието, талентот и поддршката во секое дете, останува еден од највисоките приоритети“, вели Герасимовски.

