Македонија
Заев: Борис Трајковски беше човек од народот
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.
„Беше човек од народот. Секогаш наоѓаше време за проблемите на обичните луѓе. Доаѓаа тие кај него, но и тој не престана да ги посетува во нивните домови. Се паметат и овие негови зборови: ‘Да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа. Мораш да ги обединуваш луѓето од различно потекло и со разни мислења. Не треба само да им проповедаш, туку и да им служиш, да ги водиш, да страдаш со нив. Јас имам многу важна морална улога – да ги водам, да ги охрабрувам луѓето, да знаат што е добро, а што лошо и да ги натерам луѓето да си веруваат’, зборуваше претседателот Трајковски“, потсети Заев.
Премиерот додаде дека Трајковски бил максимално посветен на поттикнување на соработката во Југоисточна Европа и на спроведување на неговата заложба за мирна добрососедска политика, со почит за суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните земји.
„Политиките на Трајковски беа од особен придонес за постојаната афирмација и за натамошно приближување на нашата земја кон Европската Унија и кон структурите на НАТО. Имаше дарба и стратегија да ги одржува еднакво важни и односите на нашата земја со САД и Русија и со Народна Република Кина. Нашиот претседател Борис Трајковски многу бргу стекна голем меѓународен углед. За својата работа беше одликуван со високи одличја и признанија“, рече Заев.
Премиерот истакна дека Трајковски ја извршувал должноста како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочувал исправено и храбро во ниту еден момент не го поколебале.
„Не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша“, истакна Заев.
Реакциите, изјавите и пофалбите за неговите политики што доаѓаа од целиот свет, рече Заев, беа најискрени и сосема поинакви од вообичаените, стереотипи на политичка коректност и љубезност. Напротив, восхит за неговите политички одговори за најсложените прашања низ кои поминуваше нашата земја зборуваат максимално илустративно за работата и личноста на претседателот Борис Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

