Македонија
Заев во Германија: Нашата земја има европски стандарди за бизнис, со право очекуваме датум за преговори
Премиерот Зоран Заев ја почна дводневната посета на Германија со учество на свечениот годишен прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство.
Како почесен гостин на оваа свеченост Заев имаше свое обраќање на тема „Реформите во стопанството и општеството – Патот на Северна Македонија во ЕУ“ и зеде учество во панел-дискусијата со наслов „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ – перспективите за регионална соработка“.
Во своето обраќање тој потенцира дека паралелно со политичките реформи, зајакнувањето на институциите и целосната демократизацијата на земјата, таа влегла посветено во создавање услови за економски раст и во создавање поволна клима за привлекување на интересот на странските инвеститори.

„Пред 10 дена добивме уште една, овој пат безусловна препорака за почеток на преговорите по поглавјата со ЕУ. Заедно со процесот за членство во НАТО признанијата се однесуваат и на нашите политички остварувања во добрососедската политика. Северна Македонија нема отворени прашања со соседите, а храбрите одлуки се наградени со признанието дека ние сме блескав пример во регионот“, истакна Заев во својот говор на годишниот прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство во Берлин.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот посочил дека државата сега со право очекува позитивна одлука од Европскиот совет за почеток на преговорите со ЕУ по поглавја.
„Секое друго решение негативно ќе се одрази на политичката ситуација во земјата и во регионот и ќе ги охрабри влијанието и интересот на трети страни во регионот“, нагласил Заев додавајќи дека одлагањето на позитивната одлука ќе ги забави реформите и ќе влијае негативно на економските трендови, кои во последните две години добиле нагорна линија.
„Владата на Северна Македонија ја прогласи 2019 за година на економијата и веќе постигна одлични резултати за да го потврди тоа. Минатата година ја завршивме со рекордни директни странски инвестиции во висина од 624,5 милиони евра. Во првиот квартал земјата постигна раст на БДП од 4,1 отсто за разлика од истиот квартал пред две години кога земјата беше во рецесија. Се отвораат нови работни места, а невработеноста за две години од 23 падна на 17,8 отсто“, ги информира премиерот Заев претставниците на германските компании од Здружението за Источна Европа на германското стопанство“, посочи тој.

Заев додаде дека двесте компании со германски капитал вработуваат 20 илјади граѓани, а тоа е доказ дека нашата земја има европски стандарди за бизнис и дека самите германски компании во земјата се препорака за охрабрување на интересот на другите бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија.
Од Владата информираат дека на дискусијата „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ – перспективите за регионална соработка“ сите соговорници се согласиле дека Северна Македонија како пример на успешни реформи и напредок во евро-атлантските интеграции е инспирација и за другите земји од регионот, кои очекуваат на земјата да ѝ биде определен датумот за почеток на преговорите по поглавја како охрабрување и за регионот.
Инаку, Заев вечерва се сретна и со генералната секретарка на Советот за регионална соработка на земјите од Западен Балкан, Мејлинда Брегу, а при посетата на Германија тој е придружуван од вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поплавени куќи во селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај
Во тек се активности за санирање на последиците кај поплавени куќи кај селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај.
– Екипи од Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека ЈП Водовод и канализација – Скопје стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекција за заштита и спасување ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури, информира ЦУК во објава на Фејсбук.
Оттаму наведуваат дека директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, се на терен каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.
– Со координирано дејствување на сите институции, се преземаат интензивни мерки за најбрзо можно санирање на последиците, заштита на населението и минимизирање на материјалната штета. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира, велат од ЦУК.
Како што соопшти претходно ЦУК, по обилните дождови во изминатото деноноќие, поплавени се повеќе куќи на улица „Прилепска“ во Кичево, од каде евакуирани се 180 лица, како и дека во поплавена куќа во гостиварското село Балиндол биле заглавени две деца и нивната мајка. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, како и поплавени куќи во гостварските населби Циглана и Бањечница и подруми и дворни места во Скопско.
Македонија
Во Гостивар две деца и нивната мајка останаа заробени во домот поради поплавите
Поради непрестајните врнежи и излевањето на реките, западниот дел на Македонија се наоѓа во вонредна состојба. Во Кичево, стотици семејства беа евакуирани додека водата ја проголта улицата „Прилепска“ и зафати делови од болницата. Во Гостивар, две деца и нивната мајка останаа заробени во домот, опкружени со бучавата на дивата вода, додека спасувачките екипи брзаа да стигнат навреме. Во Тетово и Скопје, поплавените патишта и подруми создадоа хаос, а надлежните апелираат на внимателност и трпение додека траат интервенциите.
Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта и претпладнево предизвикаа воден хаос во Западна Македонија. Најкритично беше во Кичево – градот се најде под вода затоа што Зајашка Река се прелеа од своето корито и ја проголта улицата „Прилепска“, потопувајќи домови и доведувајќи ја во опасност болницата. Сопствениците на куќите гледаа како водата се качува до прозорите, а стравувајќи за сопствените животи. Во паника, надлежните успеаја да евакуираат околу 180 луѓе, кои сега се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Таму, меѓу треперење и страв, се делат ќебиња, душеци, храна и вода, додека спасувачите од Скопје работеа без престан да им помогнат на најпогодените.
– Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и од Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки. Упатуваме апел за смиреност, трпение и соработка до граѓаните. Се преземаат максимални напори за да се надмине оваа кризна ситуација и да се обезбеди навремена помош и безбедност за сите засегнати – изјавија од Општина Кичево.
Во Гостивар, драмата го достигна врвот – во селото Беловиште две деца и нивната мајка останаа заробени во нивниот дом, опкружени со бучавата на дивата вода. Тие изјавија дека сè се случувало брзо, а секундата им изгледала како вечност, додека ТППЕ и ОВР Гостивар трчале да ги спасат.
Во Тетово, дождот предизвика свлечиште кое го блокира патот кон селото Ѓермо, а снежните врнежи дополнително ја усложнуваат ситуацијата за сите патници и спасувачи. Поради снежни врнежи е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси кон Попова Шапка. Иако водостојот на реките засега е стабилен, сообраќајот е сериозно попречен.
Ниту Скопје не е поштедено – низ приградските населби Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани се пријавени поплавени дворови и подруми, а луѓето гледаа како водата ги уништува нивните поседи. Спасувачки екипи веднаш излегоа на терен да се борат со невремето и да ги санираат штетите.
Македонија
Десет возачи лишени од слобода за возење без дозвола, со забрана и под алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата вчера лишија од слобода десет возачи, од кои осуммина поради возење без возачка дозвола, двајца поради управување со возило со активна мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и еден поради возење под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека двајца возачи се лишени од слобода во Тетово, а по еден во Куманово, Битола, Свети Николе, Штип и Кочани поради управување возило без возачка дозвола. По еден возач во Велес и Свети Николе управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во гевгелиско управувал возило под дејство на алкохол, се наведува во соопштението.
Додаваат дека лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесат за побезбеден сообраќај.

