Македонија
Заев во дводневна посета на Словенија
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Словенија и ќе предводи владина делегација во состав заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.
Во рамки на дводневната посета на Словенија, заедно со владината делегација ќе престојува и поголема делегација стопанственици, членови на стопанските комори на Република Северна Македонија, кои заедно со своите колеги од Словенија ќе се сретнат и ќе разговараат за соработка во рамките на бизнис-форумот што го организираат двете земји. Предвидено е бизнис-форумот да биде отворен со обраќања на двајцата премиери, Шарец и Заев.
Премиерот Заев ќе има билатерална средба со својот колега, претседателот на Владата на Словенија, Марјан Шарец, а ќе биде примен и од претседателот на Словенија, Борут Пахор, и од претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан. Предвидена е и заедничка прес-конференција на двајцата премиери Заев и Шарец.
Во пресрет на официјалната посета премиерот Заев ќе има свое воведно обраќање на јавна дебата и предавање организирано од меѓународниот институт ИФИМЕС на тема „Република Северна Македонија приказна за успехот“.
Вицепремиерот Анѓушев ќе оствари неколку одделни средби со словенечки компании на кои ќе се разговара за инвестициската клима и поддршката што земјата ја пружа за нови инвестиции.
Премиерот Заев е придружуван од неговата сопруга Зорица Заева, која заедно со сопругата на премиерот Марјан Шарец, Барбара Искра Шарец, ќе има одвоена програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)
Македонија
ДИК–ИФЕС: фокусирана соработка за клучните стратешки приоритети на Комисијата
Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) одржаа работен состанок со претставници на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), на кој беше потврдена подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката во рамки на програмата „Поддршка на изборите во Северна Македонија“.
Од страна на директорката на Канцеларијата во Република Северна Македонија, Јоана Косма, беше истакнато дека соработката со ДИК преку проектот на Владата на Швајцарија, „Програма за поддршка на изборите во Северна Македонија“, досега резултирала со конкретни и мерливи постигнувања, особено во делот на развојот на ИТ-решенија, јакнењето на институционалните капацитети, унапредувањето на изборните процеси и зголемена доверба на граѓаните во истите.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, нагласи дека во текот на неговиот мандат приоритет ќе бидат зајакнувањето на кредибилитетот и видливоста на Комисијата, како и нејзината отвореност кон граѓаните. Во таа насока, тој рече дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи со реформските процеси со јасно дефиниран фокус на клучните стратешки приоритети, меѓу кои потенцирана беше потребата од ставање во функција на Центарот за континуирана обука на ДИК. Маричиќ укажа дека Центарот за обуки веќе има воспоставена законска основа и дека во следниот период, во соработка со ИФЕС, ќе се вложат напори за негово целосно оперативно функционирање, вклучително и обезбедување соодветен кадар.
Во рамки на дискусијата, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, се осврна на значењето на човечките ресурси и континуираната едукација како клучен елемент за одржливост на реформите. На состанокот членовите на Комисијата, кои и во претходниот состав учествувале во работата на ДИК, ги посочи ја досегашните искуства од соработката со ИФЕС, нагласувајќи ја важноста од надградување на постигнатите резултати и обезбедување континуитет во реформските процеси.
На состанокот беше заеднички констатирано дека партнерството меѓу ДИК и ИФЕС останува стратешко и во наредниот период, со цел унапредување на изборните процеси и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот систем.
Македонија
Божиновска: Со вакво темпо, за родова еднаквост ќе ни требаат уште 57 години, жените во енергетиката ни се потребни денес за посилен и поиновативен сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на настан организиран во рамки на проектот ELeVATE (2025–2028), посветен на охрабрување и поддршка на девојки и жени за развој на кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена транзиција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат еднаква и видлива улога.
„Жените во енергетиката сè уште се недоволно застапени. Тоа не значи дека недостасуваат знаење и амбиција, туку дека постои неискористен потенцијал кој државата и општеството не смеат да го игнорираат. Индексот за родова еднаквост во 2022 година изнесувал 64,5 поени од можни 100, што претставува зголемување од само 2,5 поени од 2019 година. Со вакво темпо, би биле потребни приближно 57 години за да се постигне родова еднаквост во сите области. Ова ја нагласува итноста: не можеме да чекаме со децении за да создадеме еднакви можности. Повеќе жени во секторот е бенефит за сите. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) дојде до податоци дека организациите со повеќе жени на лидерските позиции во енергетиката покажуваат 20 проценти повисоки перформанси и иновации. Светскиот Економски Форум објави дека тимовите кои вклучуваат различни полови се попрофитабилни, покреативни и поотпорни во кризни ситуации. Кога на жените ќе им се даде моќ, целиот сектор и општеството има придобивки “, порача Божиновска.
Таа нагласи дека интересот за наука и технологија кај девојките постои уште од рана возраст, но често се губи поради стереотипи, недостиг од поддршка и ограничен пристап до практични можности. Затоа, како што истакна, неопходно е создавање јасна и континуирана патека – од образование, преку практична обука, до вработување и напредување.
„Oвие бариери не се непремостливи.Ги надминуваме преку партнерства, преку вакви проекти, преку отворен дијалог и преку конкретни програми кои ги приближуваат младите жени до реалниот сектор.“ нагласи Божиновска.
Министерката ги посочи и стратешките приоритети на државата за периодот 2026–2030, меѓу кои забрзан развој на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност на објектите и дигитализација на електроенергетската инфраструктура, процеси кои директно ќе го обликуваат пазарот на труд и побарувачката за нови профили и вештини.
„Технологиите со нето-нула емисии ќе бараат експерти за обновливи извори, специјалисти за паметни згради и автоматизација, дигитални инженери, менаџери за енергетска ефикасност и професионалци за паметни мрежи. Нашата задача е што повеќе жени да бидат дел од оваа нова економија“, истакна Божиновска.
Таа потенцираше дека Министерството за енергетика е цврсто посветено на поддршка на девојките и жените во STEM и енергетските сектори, преку практични обуки, партнерства со компании, менторски мрежи и програми што ги поврзуваат образованието и реалниот сектор.
Проектот ELeVATE, кој ги поврзува образовните институции, компаниите, јавниот сектор и локалните власти, беше посочен како пример за конкретен и применлив модел што ги надминува бариерите и создава реални можности за жените во зелените технологии.
„Енергетската транзиција ќе биде успешна само ако е инклузивна – ако ги вклучи жените, ако создаде еднакви можности и ако ги поврзе образованието, бизнисот и институциите“, порача Божиновска.

